Барикело победи пред Батон во Монца
Хамилтон, кој тргна од пол-позицијата, излета во последниот круг, кога беше трет Бразилецот Рубенс Барикело победи во трката за Големата награда на Италија во Формула 1, предводејќи го тимот на Браун до еден-два победа и намалувајќи го водството на лидерот во вкупниот поредок и тимски колега Џенсон Батон на 14 поени на четири трки до крајот на сезоната. Батон со второто место во Монца се врати на подиумот првпат по шест трки, заостанувајќи 2,8 секунди зад ветеранот, а третото место го освои Кими Раиконен од Ферари откако светскиот шампион Луис Хамилтон од Мекларен се удри во заштитната ограда во последниот круг. Британецот стартуваше од пол-позицијата, а сега и теоретски не може да ја одбрани титулата. Батон води со 80 поени, пред Барикело со 66, а веднаш зад нив е тандемот на Ред бул, Германецот Себастијан Фетел со 54 и Австралиецот Марк Вебер со 51,5. Хамилтон има 27.
Вебер беше истуркан од патеката во првиот круг од Роберт Кубица од БМВ Заубер, а Фетел на крајот заврши осми.
Победата во стратешката битка меѓу тие што се определија за едно влегување во боксот и другите со две на најбрзата Ф1-патека е втора сезонава за Барикело, 11. во неговата кариера. Водечките во првенството Браун, кои имаат осум победи во досегашните 13 трки сезонава и два триумфа во последните три гран-прија, само еднаш ги посетија своите механичари. Од друга страна, Раиконен и Хамилтон, кој беше трет во моментот кога се изврте во свиокот Лесмо и удри во ѕидот, два пати влегоа во гаражата.
Германецот Адријан Сутил финишира четврти, освојувајќи ги своите први поени во сезоната и донесувајќи му втор пласман едноподруго на Форс Индија меѓу освојувачите на поени. Двократниот светски првак Фернандо Алонсо од Шпанија собра четири поена за Рено, тимот обвинет за местење трки, Финецот Хеики Ковалаинен од Мекларен заврши шести, а Германецот Ник Хајдфелд од БМВ Заубер седми.
Италијанецот Џанкарло Физикела, кој го освои второто место во Белгија минатиот месец како возач на Форс Индија, финишира деветти во дебито за Ферари како замена за тест-возачот Лука бадоер, кој, пак, кратко неуспешно го менуваше повредениот Фелипе Маса.
|