Или итни инвестиции во енергетиката или прескапа струја
На земјите од регионот им се потребни 10 милијарди евра инвестиции во наредните 20 години
Маја Томиќ
Регионот на Западен Балкан, како и цела Југоисточна Европа, во следните пет години постојано ќе се соочуваат со недостиг од електрична енергија, поради што нејзината цена ќе расте, предупредува во својот последен извештај Светска банка.
Неодамна во Црна Гора поскапе струјата за 15 отсто, додека цената за малите и за средните претпријатија се намали за 7,5 отсто. Тоа беше трето поскапување во земјата за период од една година, со што струјата во оваа држава стана двојно поскапа од останатите земји во регионот.
Во Хрватска деновиве електричната енергија поскапи за 20 проценти, а во Грција од 1 јули струјата има повисока цена за 7 отсто. Бугарија и Романија, пак, деновиве, исто така, ги зголемија цените за 14, односно за 4,4 отсто.
Во студијата „Енергијата на Западен Балкан: пат кон реформи и обнова“, Меѓународната агенција за енергија укажува на потребата за брза обнова на постојните и за изградба на нови електроенергетски постројки во регионот, кој една деценија има проблеми со недоволни количества струја. Земјите од Западен Балкан и ЈИЕ повеќе од две декади немаат инвестиции во енергетиката, што има значителни последици врз животот на граѓаните и економската иднина на државите, се цени во студијата.
Состојбата не е многу поразлична ниту во Македонија. Последната инвестиција во изминатите 20 години е ХЕЦ „Козјак“ , која се пушти во употреба пред четири години и е со моќност од 50 мегавати. Оваа хидроцентрала чинеше 170 милиони евра, половина од парите беа на ЕСМ, а остатокот кредит од кинеска банка. ХЕЦ „Козјак“ е со годишно производство на струја од 160 милиони киловат-часа, најмногу за потребите во Скопје и Скопскиот регион.
Според процените од ЕВН - ЕСМ, Балканот може да се справи со енергетската криза само ако во наредните 20-ина години се инвестираат 10 милијарди евра во нови производствени капацитети за електрична енергија и ако се потрошат плус 5,8 милијарди евра за реконструкција на постојните, што треба да започне поскоро. Според некои пресметки, на земјите од Балканот им се потребни околу 30.000 мегават-часа електрична енергија, што моментно не можат да се обезбедат со постојните капацитети. Од друга страна, меѓународните експерти укажуваат на значително поголема енергетска потрошувачка во овие земји во однос на стандардите на ЕУ, што е резултат, пред се', на фактот што поголем дел од државите не се гасифицирани и струјата ја користат за речиси сите потреби.
Државава во изминатите години има континуиран недостиг од струја и поради тоа од буџетот секоја година се издвојуваат се' повеќе средства за увоз на енергија. Минатата година беа издвоени околу 90 милиони евра, а увозот на струја за оваа година го чини МЕПСО околу 72 милиона евра. Неизвесно е дали набавените количества ќе бидат доволни до крајот на годинава, бидејќи производството од хидроцентралите е несигурно, затоа што зависи од тоа дали летово ќе има доволно дожд. Исто така, ТЕЦ „Осломеј“ и трите блока на РЕК „Битола“ се и ќе бидат во постојан ремонт наредните месеци, што значи дека нема да работат со полн капацитет, така што и произведените количества струја можат да станат недоволни. Одговорните во ЕЛЕМ смируваат и велат дека државата нема да се соочи со недостиг од струја.
Инаку, во енергетскиот биланс за годинава, експертите предвидоа зголемување на потребите за струја, во однос на 2007 година, за повеќе од 15 отсто или за приближно 10.000 гигават-часа.
Што не' очекува во скора иднина? Процедурата со тендерите за изградба на двете хидроцентрали „Чебрен“ и „Галиште“ и за 28 мали хидроцентрали, која требаше да финишира уште минатиот месец, поради предвремените избори се стопира и, најверојатно, новиот владин состав наесен ќе стави потпис на документите, по што тие ќе можат да почнат со реализација. Инаку, со активирањето на овие два проекта, државата ќе ги намали во значителна мера потребите од увозна струја. Како што најави Владата, со пуштањето во работа на 28-те централи, потребите ќе се намалат за 10 проценти, а со „Чебрен“ и „Галиште“ за уште 30-ина, така што државата речиси ќе нема потреба од увоз.
И според најоптимистичка варијанта, доколку се заврши административната процедура за овие тендери и до крајот на годинава стартува градбата на централите, што ќе трае најмалку пет години, тоа значи дека на првите киловат-часови од новите објекти државата ќе почека уште многу години. А, дотогаш веројатно не ни преостанува ништо друго освен и понатаму да се потпреме на увозот на се' поскапата струја.
|