Нафтата надмина 146 долари, големите играчи во расчекор
Иранскиот министер за нафта предупреди дека Иран ќе ја блокира испораката доколку биде нападнат
Лондон - Нафтата од Северното Море вчера достигна нова рекордна цена, надминувајќи ја вредноста од 146 долари за барел, како резултат на намалувањето на вредноста на американскиот долар во однос на конкурентските валути и тензиите на Блискиот Исток. На претпладневните тргување на Берзата во Лондон, европскиот „брент“ за испорака во август се продаваше за 146,34 долари за барел. Раст на цената забележа и американската лесна нафта, која во електронските тргувања пред отворањето на Берзата во Њујорк чинеше 145,43 долари за барел.
Аналитичарите оценуваат дека вчерашниот раст на цената се должи на предупредувањето на иранскиот министер за нафта, Голам Хосеин Нозари, дека Иран ќе ја блокира испораката на нафта од реонот на Персискиот Залив доколку биде нападнат. Тој предупреди дека ако Израел или САД преземат воен напад врз Иран, тоа ќе предизвика „радикален пораст“ на цената на нафтата, која ќе достигне нови рекордни вредности.
Директорот на одделот за Азија и Пацифик на аналитичката агенција „Аргус медија“, Џејсон Фер, оцени дека ваквите изјави влијаат врз однесувањето на пазарот. „Тензиите околу Иран, безредијата во најголемиот производител на нафта во Африка - Нигерија, како и ослабениот американски долар, се меѓу главните фактори поради кои цената на нафтата се движи по нагорна линија“, изјави Фер.
Иран, кој е четврти најголем производител на нафта во светот, е под силен притисок на западните земји да ја запре својата нуклеарна програма. Властите во Иран досега во неколку наврати се заканија дека во случај на напад врз Иран ќе го блокираат Ормутскиот Проток, низ кој минуваат танкерите со нафта од нафтените наоѓалишта во Персискиот Залив, со што би се предизвикала глобална енергетска криза.
Во исто време американскиот долар завчера достигна најниска вредност во однос на еврото во последните два месеца, поради што берзанските дилери во обид да се ослободат од залихите на американски валути се ориентираа кон купување суровини, пред се', нафта.
Аналитичарите наведуваат дека слабиот долар и тензиите на Блискиот Исток не успеаја да бидат компензирани ниту со најновиот извештај на американското Министерство за енергетика, кое завчера соопшти дека минатата недела резервите на нафта и бензини во САД дополнително се намалиле за 2 милиона барели.
Глобалните цени на нафтата вчера беа двојно поголеми отколку во периодот во почетокот на летото минатата година, како и за околу 45 проценти повисоки од стартот на 2008 година, кога енергенсот прв пат ја надмина границата од 100 долари за барел.
Вчера во Мадрид, пак, производителите на нафта и најголемите држави-потрошувачи на енергенсот не успеаја да ги надминат меѓусебните несогласувања на расправа на Светскиот конгрес за нафта во Мадрид, што требаше да заврши во текот на вчерашниот ден. АФП, повикувајќи на неименувани дипломатски извори, тврди дека засега нема сигнали за договор околу начините за намалување на рекордните цени на нафтата. Генералниот секретар на Организацијата на државите-извознички на нафта (ОПЕК), Абдула ел-Бадри, ги повика САД да го запрат притисокот врз државите-производители на нафта. Државите кои се најголеми потрошувачи на нафта, предводени од САД, бараат од ОПЕК зголемување на дневното производство на нафта, со цел да се придонесе за намалување на цената на енергенсот.
Во текот на Конференцијата, што започна во неделата, Меѓународната агенција за енергетика презентираше извештај во кој се предвидува зголемување на недостигот од нафта и раст на цените по 2010 година. Ел-Бадри остро реагираше, оценувајќи дека отсега не може да се каже какви ќе бидат состојбите на нафтениот пазар, додавајќи дека ако има потреба од поголеми количества нафта, ќе бидат зголемени инвестициите во секторот и ќе бидат пронајдени нови извори на нафта.
Вчера на тема нафта се огласи и рускиот претседател Дмитриј Медведев, кој предвидува дека нафтата на светскиот пазар ќе поскапи на 150 долари за барел, што негативно ќе се одрази на глобалниот економски раст. „За жал, растот на цената на нафтата ќе предизвика проблеми во светската економија“, прецизираше Медведев неколку дена пред заминувањето на самитот на лидерите на Групата 8 (Г-8) во Јапонија.
Енергетската безбедност ќе биде во центарот на вниманието на учесниците на самитот на Г-8 на јапонскиот остров Хокаидо, на кој ќе присуствуваат претседателите и премиерите на САД, Русија, Јапонија, Германија, Велика Британија, Франција, Италија и на Канада.
Руското производство на нафта минатиот месец се намали за еден процент во споредба со истиот месец претходната година, на 40 милиони метрички тони. Русија дневно произведува околу 9,77 милиони барели нафта и е втор произведувач по Саудиска Арабија.
Американскиот претседател Џорџ Буш вчера најави дека високите цени на храната и нафтата ќе бидат главни приоритети за САД на самитот на Г-8.
Британскиот министер за финансии Алистер Дарлинг, пак, вчера изјави дека цената на нафтата е вистинскиот проблем со кој се соочуваат Велика Британија и нејзината економија. (МИА) |