Судството мора да се разведе од политиката
Политиката целосно доминира врз правото, а извршната власт има силно влијание врз судството
Гордана Дувњак
Реформи во судството не се градење судски згради и осовременување судници, ниту фалење со бројки, туку промена на светогледот и силна политичка волја за создавање независна судска власт. Политиката целосно доминира врз правото, а извршната власт има силно влијание врз судството, особено во изборот на судии и финансирањето. Ова беше оценето на вчерашната заедничка тркалезна маса на Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања (ИСППИ), како и на Советот за глобална соработка, посветена на „човековите права и судскиот систем“.
Отворајќи ја дебатата, д-р Петар Атанасов потенцираше дека ако сакаме прогрес на планот на судството, третата власт ќе мора да ја се избори за својата независност и да се стекне со доверба кај граѓаните, а тоа е можно само доколку се „разведе“ од политиката. На тој начин, смета тој, ќе се намалат пристрасноста, политичките замешателства и медиумските атракции.
За претседателот на Советот за глобална соработка, Трифун Костовски, поразителни се нападите на власта врз Уставен суд, но и генерално состојбите во судството, кое постојано е во клинч и изложено на силни притисоци, како за време на донесувањето на пресудите, така и по објавувањето на одлуките.
„Ниедна владејачка гарнитура не е имуна на посегање врз независноста на третата власт, но загрижувачка е слабата кондиција на судството, кое мора да изгради одбранбени механизми за да се спротивстави на притисоците“, потенцираше Костовски.
Поранешниот пратеник Исмет Рамадани нагласи дека е создадена перцепција дека судството пресудува врз основа на етничката припадност, а како исполитизирани случаи ги спомена „Сопот“ и „Раштански Лозја“. Тој рече дека судството мора да се ослободи од стегите на политиката, а како дел од решението на проблемот го гледа доаѓањето на високи позиции во судството на луѓе со интегритет и морални квалитети.
За експертот по човекови права, Мирјана Најчевска, базични проблеми се „системските деформации во законите, кои се поддржани од незнаењето на судиите на меѓународните стандарди“,а дури потоа треба да се зборува за независност на судството.
„Само кај нас се тргнува од тоа дека обвинетите се виновни наместо невини, што е директна повреда на принципот на пресумпција на невиност. Судиите наместо да ја докажуваат вината, ја утврдуваат фактичката состојба, а слободното судско уверување не ретко се темели на перцепција, односи, па дури и психолошки карактеристики“, вели Најчевска.
„Во Македонија не постои судска власт“, категорична е поранешната европска судијка Маргарита Цаца-Николовска, која ваквиот „тврд став“ го поткрепи со тврдење дека поделбата на власта не функционира, на новите решенија за судството, а особено околу начинот на кој се избираат судиите, кој се прави без изградени критериуми и со голема арбитрарност.
Дел од учесниците изразија голема скептичност околу перспективите на судството кое, како што рече новинарот Христо Ивановски, тешко ќе се ослободи од притисоци и ќе се избори за својата независност во „земја загадена од политизација“. На слична линија беше и аналитичарот Суад Мисини од Истражувачкиот центар за граѓанско општество, кој смета дека кај владејачката гарнитура „не постои автохтона политичка тенденција за владеење на правото“ и затоа е потребна рамка со која би се заштитиле граѓаните и би се обезбедило почитување на правата и слободите.
Иако поканети, на дебатата не присуствуваа претставници на политичките партии ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, како и на народниот правобранител. |