И скопјани се испаничија
Тектонската активност е континуирана и ваков потрес се јавува во Македонија на речиси секои пет години
Снежана Калабакова
Скопје може да биде погодено од земјотрес како оној што го погоди Кралево завчераноќ, но и не мора. Дотолку повеќе што и двата града се наоѓаат на Европската плоча и припаѓаат на едно долго сеизмичко подрачје што се движи по текот на реките Вардар и Морава. Сеизмолозите тврдат дека тектонската активност трае континуирано и оти вакви потреси, според статистиките, се јавуваат во Македонија на речиси секои пет години.
Србија, Грција, Турција. Засега Македонија останува заобиколена од оваа природна појава. Но, земјотресот со интензитет од 5,4 степени според Рихтеровата скала што се случи во Кралево ги исплаши и граѓаните во Македонија, особено скопјани, кои, исто така, го почувствуваа потресот. Степенот на вознемиреност го зголемија и земјотресите што речиси истовремено се случија во Грција и во Турција.
Актуелната состојба со земјотресите повторно разви дискусии околу постојаната тема колку е Скопје трусно подрачје, колку по вакви потреси може да се очекува дека ќе следуваат нови, дали поместувањето на почвата на Балканот се' уште не е завршено и ќе има ли катастрофални земјотреси?
Сеизмолозите предвидуваат дека во следните часови може да уследат уште земјотреси, но со послаб интензитет. Додаваат дека онаму каде што се случувале земјотреси, пак ќе се случуваат. Од Сеизмолошката опсерваторија при Природноматематичкиот факултет во Скопје тврдат дека актуелните земјотреси на Балакнот не се нешто невообичаено.
„Српскиот земјотрес е релативно слаб и од типот на оној што се случи лани во Дојран или оној од 2002 година во Гњилане. Тоа се таканаречени слаби земјотреси со јачина од 5,4 степени според Рихтеровата скала и предизвикуваат макросезимичко дејство од 7 до 8 степени според Европската макросеизмичка скала. Ова подрачје, Дојран, Гњилане и сега Кралево, како и земјотресот во Грција припаѓаат на една долга зона од Егејското Море, преку Скопје, Копаоник и Белград. Тоа е тој таканаречен македонско-српски масив, едно долго сеизмичко подрачје што се движи по текот на Вардар и реката Морава“, појаснува Лазо Пекевски, шеф на Сеизмолошката лабораторија на ПМФ во Скопје.
Од оваа институција додаваат дека овие земјотреси се резултат на тектонска активност на ова подрачје и пошироко. Македонија и Србија се врска на Европската плоча, која се судира со Африканската и овие потреси се резултат токму на тој судир. Турските земјотреси обично се случуваат во Анадолскиот расед, во сосем друго карактеристично подрачје. Земјотресите се независни и ова е период на засилена сезимичка активност, но сеизмолозите потенцираат дека е неблагодарно да се прогнозира земјотрес.
Потресот во Србија се случи во 1,56 минути по полноќ, а епицентарот бил на два километра северно од Кралево со магнитудата 7,5 степени според Меркалиевата скала. По помалку од еден час, имаше земјотрес и во европскиот дел од Турција, во Чанакале, и тоа со интензитет од 5,1 степен ��поред Рихтер. Земјотрес од пет степени според Рихтеровата скала го потресе вчераутро и реонот на грчкиот остров Самотраки. Епицентарот на потресот е на оддалеченост од 50 километри југоисточно од северногрчкиот град Александрополис, во заливот Сарос. |