Етничкиот комитет функционален само за формални теми
„Не се откажувам од жешките теми, но сакам да ги натерам членовите да дојдат на седници“, вели Џеват Адеми
Светлана Унковска
Комитетот за односи меѓу заедниците е сведен на формално функционирање, поради тоа што се одржуваат седници за лесни теми, додека жешките точки, како што е проектот „Скопје 2014“, употребата на албанскиот јазик и за уште неколку други чувствителни теми се избегнува да се дискутира. Ова е констатацијата на опозициските пратениците и на членовите на Комитетот откако вчера беше одржана седница посветена на Стратегијата и Декадата на Ромите. Иако велат дека ги респектираат прашањата на сите етнички заедници и сметаат дека Комитетот треба и за нив да расправа, сепак, додаваат дека ова е начин со кој лесно се прикрива нефункционирањето на ова тело. Со ваквите констатации не се согласуваат членовите на Комитетот, кои се од владејачките партии, ниту неговиот претседател Џеват Адеми. Иако самиот тој рече дека нема да одржи ниту една друга седница се' додека не се завршат започнатите теми поради кои во еден период работата на Комитетот беше целосно блокирана, сепак, тој го прекрши ветувањето.
„Точно е дека така реков, но не сакам поради мојата принципиелност Македонија да добие негативна оцена во извештајот на Европската комисија во делот на функционирањето на Комитетот. Значи јас попуштив, но не се откажувам од намерата да ги довршам започнатите седници. Во меѓувреме, барам теми за да ги натерам членовите да дојдат на седници. Немав нови моменти што би гарантирале дека ќе имам кворум да ги довршам започнатите седници и бидејќи не сакам да правам театар не сум ги закажал“, објаснува Адеми.
Од противничкиот табор на Нова демократија критикуваат дека владејачката коалиција ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ немаат капацитет да ги решаваат проблемите и со тоа тие придонесуваат за влошување на меѓуетничките односи.
„Нема никакво оправдание да не се расправа за проектот ’Скопје 2014’ за што се трошат огромни суми пари во време кога имаме опожарени или неизградени училишта или кога имаме секој ден блокади на патиштата од социјалните категории на граѓани. Сметам дека ова е само кукавичко бегање од проблемите и желба со лесни теми Комитетот да се сведе на формално функционирање, но сигурни сме дека јавноста го препознава овој трик“, критикува претседателот на Нова демократија, Имер Селмани. Пратеничката на оваа партија, Флора Кадриу, смета дека тенденциозно не се создава кворум за да не се расправа за овие жешки теми.
„Сметам дека ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ се оние што на класичен начин дозволија дискриминација и деформирање на интересот на албанските граѓани во Република Македонија“, вели Кадриу. Партијата на Селмани најавува дека откако Собранието ќе започне да функционира по новиот Деловник, тие веднаш ќе го искористат правото како опозиција да постават точка на дневен ред и ќе бараат за овие теми да се расправа на пленарна седница. Тие се убедени дека во функционирањето на Комитетот Македонија во следниот извештај ќе добие негативни оцени, со што се согласува и Менде Диневски од СДСМ.
„Владата упорно тера проекти што предизвикуваат меѓуетнички тензии. И за ’Скопје 2014’ и за катастрофалните состојби во образованието ние побаравме Собранието да расправа. Но, за жал, тоа е заложник на политиките на Владата и тие теми не допираат ниту до Комитетот ниту до парламентот каде што е вистинско место за расправа“, оценува Диневски.
Со дијаметрално спротивни оцени е пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Анита Кипаризовска, според која, никогаш работата на Комитетот на била блокирана, туку дека вештачки се создавале обиди да се прикаже дека не функционира.
„Имаше одредени прекинувања на седници, но блокирање на работата на Комитетот немало во ниту еден момент. Немањето кворум за одредени теми не сметам дека претставува блокирање на Комитетот. Сепак, претседателот на ова тело, Џеват Адеми, е оној што ги закажува и ги води седниците“, вели Кипаризовска, која не верува дека работата на Комитетот ќе биде негативно оценета.
Sobranieto kako i samata Komisija moze da se ugleda na rabotata na edna etnicka komisija od SAD. Imeno gradot Sterling Heights/SAD sto e zbratimen grad so Tetovo/Makedonija ima svoj Sovet na etnickite zaednici vo koj sto jas sum veke edinaeset godini. Zapisnicite od sostanocite na toj Sovet se javno dostapni i preku internet na http://sterling-heights.net (videte Boards and commissions i Ethnic Community COmmittee). Samo so transparentnost vo rabotata moze da se odi napred. so premolcuvanje i politika "ne zamerise so koalicijata" samo se gubi besceno vreme sto zivot znaci a sostojbite ostanuvaat takvi kakvi sto se ili pak se dvizat po linijata na pomal otpor i sirenjeto na "teritorijata za osvojuvanje "otade Grupcin" se do Veles i Kavadarci!