Утре средба на Иванов со Нимиц
Претседателот Ѓорге Иванов и шефот на грчката дипломатија, Димитрис Друцас, в недела на одделни средби ќе се сретнат со медијаторот на ОН за спорот за името, Метју Нимиц. И двете страни молчат за контекстот на разговорите со Нимиц, иако изминативе недели и во двете земји беа лиферувани неофицијални информации за некакви отстапки и предлози, со географски или политички додавки, во заграда или надвор од неа. И двете страни ги отфрлија како шпекулации таквите информации, иако со месеци се најавува и се очекува нов предлог од Нимиц, особено откако официјално беше обелоденето дека во разрешување на спорот со името се користи и тајна дипломатија.
Иванов во Њујорк ќе учествува на Генералното собрание на ОН, каде што в понеделник ќе се обрати на самитот посветен на Милениумските цели, утредента ќе присуствува на Глобалната иницијатива на поранешниот американски претседател Бил Клинтон и ќе биде гостин и на вечера организирана од американскиот лидер Барак Обама. Иванов во Њујорк веќе има договорено и низа билатерални средби, но со кого се' уште не се прецизира од кабинетот.
Заминувањето на премиерот Груевски за Њујорк се' уште не е официјално потврдено, иако подготовките се во тек. Груевски, како што се дознава, побарал, но се' уште чека одговор за средба со висок функционер од американската администрација. Премиерот во Њујорк треба да замине наредниот викенд, бидејќи на 27 септември треба да се обрати пред Генералното собрание на ОН, па голема е веројатноста да се размине со грчкиот премиер Јоргос Папандреу, кој според грчки извори ќе се врати од САД на 24 септември.
Засега и агендата на Папандреу не е целосна, но се знае дека ќе присуствува на Генералното собрание и на 21 септември ќе оствари официјални контакти во Вашингтон, меѓу другото, со американскиот потпретседател Џо Бајден и со неколкумина конгресмени. Папандреу во Њујорк, место со Груевски, ќе се „сретне“ со македонскиот претседател, и тоа на три настани - на Милениумскиот самит, на приемот на поранешниот претседател на САД, Бил Клинтон, како и на приемот на американскиот претседател Барак Обама.
|