Поглед
Груби игри со болните
Јасмина Јовановска
Кој си игра со животот на болните со мултиплекс склероза и зошто? Со месеци пациентите со ова тешко и неизлечиво заболување живеат во стрес дали ќе примат „интерферон“, лек со кој се држи болеста под контрола. Клиниката за нервни болести го нарачува лекот, но нарачките со месеци не се плаќаат или плаќањето е мизерно. Толеранцијата на дистрибутерите ја надмина секоја бизнис-граница и не е ништо чудно што почнаа да се закануваат дека ќе престанат да испорачуваат. Обврската за плаќање е на Заеднички служби зашто тие го имаат распишано тендерот. Но, на оваа служба не и' е грижа што овие тешко болни може да останат без терапија, зашто тие плаќале. А колку плаќаат, се гледа од долгот од околу 90 милиони денари.
Надлежните си ја префрлаат топката еден на друг - Фондот за здравствено осигурување на Министерството за здравство, а Нервна клиника на Заеднички служби. Фондот се правда дека редовно и' дава пари за овој лек на Нервна клиника, а каде се трошат тие - е одговорност на Министерството за здравство. Нервна клиника, пак, се правда дека редовно му префрла пари за лекот на Заеднички служби. Кратко речено, сите бегаат од одговорност.
А пари има, само прашање е што им е приоритет на плаќање на Заеднички служби. И Министерството за здравство се зафати да го реши проблемот, но и од него ништо. Се однесува како да живее на друга планета. Немало проблем со нарачката и со плаќањето и никој нема да остане без лек. Зарем предупредувањето од доставувачите и долгот не е доволен доказ дека проблемот постои.
Не се дозволени игри со овие тешко болни. Мултиплекс склероза не е настинка. И со настинати лица е недозволено некој да се поигрува, а најмалку со овие болни.
|