Испразнетите општински имоти на Карпош ќе се најмуваат
Mладинскиот центар „Вавилон“ беше присилно иселен од просториите
Дел од просториите во МЗ „Карпош 1“ се' уште се празни, иако Општина Карпош најави дека ќе ги најмува откако пред речиси еден месец го исели младинскиот центар „Вавилон“. Образложението за присилното иселување беше дека членовите на „Вавилон“ го користеле просторот без надомест повеќе години. В.д. градоначалникот Сашо Димиќ вели дека најавеното ќе го реализира, но по празниците.
Тој појаснува дека на стотината квадрати им е неопходна санација оти корисниците на просторот не го одржувале соодветно во изминатите години. Просториите комплетно ќе бидат реновирани, ќе се „освежат“ ѕидовите и ќе се постави нов ламинат. Општинарите прогнозираат дека обновата ќе ја завршат најдоцна за триесетина дена, по што просторот ќе го издадат на користење за минимален надомест и тоа исклучиво на невладини и непрофитни организации. Се' уште не е утврдено дали ќе се отстапи на една организација, или на повеќе кои ќе го користат во одредени термини.
„Битно е што го разрешивме проблемот и го иселивме младинскиот центар, кој повеќе години го користеше просторот без надомест, што беше штетно за општината. Случајот со ‘Вавилон‘ не е единствен. Слична е ситуацијата и со простории во бараките на МЗ ’Петар Божиновски- Кочо‘ и ’Влае 1‘, каде што се сместени една приватна градинка и едно здружение. Тие, иако од порано имаат склучено некакви договори, сепак, не се соодветни. Но, проблемот наскоро ќе го решиме оти и двата договора истекуваат на крајот од годинава“, вели в.д. градоначалникот Димиќ, кој засега не може да потврди дали и тие простории ќе се реновираат, оти допрва, откако ќе бидат испразнети, ќе се констатира состојбата во нив. (Дс.Т.) |