Наградата „Роман на годината“ на „Утрински весник“ ми останува најдрага
Постојат индивидуални проблесоци на македонското културно небо, вели писателот Гоце Смилевски
Невена Поповска
Во Кралскиот фламански театар во Брисел минатиот месец Ви беше врачена Наградата за литература на Европската унија. Ова високо признание, кое го доделува Европската комисија во соработка со Европската федерација на издавачи, го добивте за романот „Сестрата на Зигмунд Фројд“. Досега сте добивале бројни награди и признанија за вашите дела, но сепак, што значат наградите за Вас и како ги доживувате?
Книжевните награди, во согласност со својата важност, овозможуваат поширока афирмација на делата, а за авторите се некаква лична сатисфакција, па и радост. „Роман на годината“ на „Утрински весник“ ја добив за „Разговор со Спиноза“ кога имав дваесет и седум години. Оттогаш добив повеќе награди, од кои три меѓународни, но наградата „Роман на годината“ на „Утрински весник“ ми останува најдрага.
„Разговор со Спиноза“ и „Сестрата на Зигмунд Фројд“ се преведени на повеќе јазици. Кажете ни како автор, кој е патот до квалитетни преводи и до можност за преведување на делата на други јазици со оглед на фактот дека на тој начин се афирмира не само делото и авторот, туку и македонската литература во светот?
Поддршката од европските и од американските фондации за литература и култура, кои во десетина наврати ми овозможија повеќемесечни престои во САД и во некои од европските земји, беа драгоцени за да можам да му се посветам на истражувањето и пишувањето, но воедно и моите дела, преку промотивните активности на тие меѓународни фондации, станаа забележани од издавачите што дејствуваат во тие земји. Најсилни промотори на една литература во други јазични средини се преведувачите – најчесто тие се оние што, кога ќе засакаат едно книжевно дело, го нудат до издавачите, го бараат патот до читателите што не го говорат јазикот на кој делото е напишано.
Изведбата на претставата „Спиноза“, работена според вашиот текст (засебен од романот) во Драмскиот театар, предизвика бран позитивни критики во јавноста и се' уште се бара билет повеќе за претставата. Осум години се чекаше на реализацијата на овој проект, па оттаму како би ги опишале состојбите во театарот, како гледате на нив?
За театарот има надеж – неговата иднина лежи во новите генерации актери, режисери, драматурзи, оние кои ја носат свежата и незагадена енергија. Им посакувам да си ја сочуваат душата и да се развиваат во исклучителни професионалци со високи етички и естетски критериуми. На сите љубители на театарот им препорачувам да ја гледаат дипломската претстава „Гнев“ на златната генерација по актерска игра на ФДУ, во класата на Зоја Бузалковска и Кирил Ристоски. Истата препорака важи и за претставата „Оркестар Бертолд Брехт“ на студентите по актерска игра во класата на Мими Таневска и Владо Цветановски. А театарските куќи си имаат свои светли и темни мигови. Ме радува што некои од нив подолго во себе сочувуваат светлина - неодамна во Скопје гостуваше Прилепскиот театар со „Кафкаскиот круг со креда“ на Брехт, во режија на Мартин Кочовски – една моќна претстава која ги потврди очекувањата и ги достигна критериумите поставени со „Тапани во ноќта“ на истиот режисер и ансамбл.
И, кога сме веќе кај состојбите, како гледате на македонската култура и уметност во глобални рамки?
Постојат индивидуални проблесоци, па некои дела кои настануваат овде, или кои ги создале автори кои потекнуваат од Македонија, а сега создаваат во странство, стануваат високо вреднувани пошироко. Меѓу најновите примери се „Девојчето што бере тутун“ и „Девојчето со хармоника“ на Билјана Гарванлиева, кои беа наградени на речиси сите релевантни меѓународни фестивали за документарни филмови. |