Број 3373  четврток, 02 септември 2010
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска

Site Meter
Свет

Родени во златна колепка

Во Русија има 86 наследници на милијардери,
објави московскиот неделник „Финанс“

Од нашиот дописник
Бранко Влаховиќ

МОСКВА - Според најновата анализа на московскиот неделник за деловни луѓе „Финанс“, во моментов во Русија има 86 наследници на милијардери. Тоа се оние што веднаш по раѓањето се ставени во „златна колепка“. На прво место на ранг-листата се наоѓа Јусуф Алекперов (20), син-единец на претседателот на „Лукоил“, Вагит Алекперов. Богатството на Вагит Алекперов се проценува на десет милијарди долари. На второ место е синот на Алексеј Кузмичев, еден од сопствениците на „Алфа груп“, чие богатство изнесува околу седум милијарди. Интересно е тоа што московските новинари не можеа да дознаат како се вика Кузмичев јуниор, но и кои се имињата на многу други деца на богатници.

На трето место е Петар Дерипаска (9), чиј татко Олег е сопственик на „Базни елементи“ и богатството му се проценува на 6,9 милијарди долари. Веднаш по него е Марина, ќерката на Олег.

На петтото, шестото и на седмото место се трите деца на Владимир Лисин, сопственик на металуршки комбинат, чие богатство се проценува на 6,2 милијарди долари.

Децата на Владимир Потањин, сопственикот на „Нориљски никел“, би требало да наследат по 3,3 милијарди долари. Владимир Потањин има три деца, но вели дека ќе им остави само почетен капитал и ќе им даде добро образование, а сите останати пари има намера да ги троши на хуманитарни акции. Дали тоа ветување ќе го исполни, допрва треба да се види.

На осмото место е Викторија Михељсон, чиј татко Леонид е акционер во компанијата за гас „Новатек“ и во самарската Прва банка, чие богатство се проценува на 5,9 милијарди долари. На деветтото место е синот на Сергеј Попов, акционер во СУЕКА, а неговото богатство се проценува на 5,2 милијарди, додека веднаш зад него на десеттото место е Гуљнара, ќерката на Сулејман Каримов, сопственик на фондот „Нафта Москва“, чие богатство изнесува 4,83 милијарди долари. Каримов има уште две деца.

Секако е интересно и тоа што многу од руските милијардери имаат по три деца. Богатството на Роман Абрамович е поголемо за седум милијарди долари од она на Алекперов, но тој има шест деца. Абрамович, кој многумина го знаат како сопственик на лондонскиот фудбалски клуб „Челзи“ и губернатор на далечната Чукотка, е единствен меѓу милијардерите кој минатата година доби син. Неговиот наследник се вика Арон-Александар. Ако се земат и посвоените деца од првиот брак станува збор за шест деца на Абрамович. Кога богатството на Роман ќе се подели на наследниците излегува дека тие се наоѓаат на средина на ранг-листата, од 37. до 42. место.

Најбогата потенцијална невеста и натаму е Викторија Михељсон, која годинава полни 18 години. Викторија во наследство има 5,9 милијарди долари. Седумгодишната ќерка на Олег Дерипаска, Марија, кога ќе порасне ќе има уште повеќе поклоници, бидејќи веќе сега неа и' припаѓаат 6,9 милијарди долари од наследството на татко и'.

Анализата што ја направи „Финанс“ треба да се сфати условно, бидејќи милијардерите се' уште работат и повеќето од нив ќе го зголемат своето богатство. Руските милијардери ги карактеризира една особина - тие не вложуваат во ризични работи и одлично знаат да ја молзат државата на која најчесто и' ги префрлаат своите ризици. И во време на најголемата економска криза руската држава им излегуваше во пресрет на своите милијардери со помош, бидејќи се плашеше дека нивниот крах би можел да и' направи големи проблеми. Имено, милијардерите се сопственици на големи металуршки и други компании, во кои се вработени многу луѓе. Затоа руската влада стравуваше дека крахот на олигарсите би предизвикал социјални безредија од стотина илјади вработени во некогашните социјалистички советски гиганти, кои во времето на приватизацијата на Елцин некои ги купија за малку пари. Кога се знае сево ова, може да се каже дека милијардерите ќе имаат што да им остават на своите деца. Друга работа е дали наследниците ќе умеат да го зачуваат или повеќе да го зголемат наследството од своите татковци.


#
Статијата е прочитана 865 пати.

Испрати коментар
Најди! во Утрински
Свет
Обама
Гадафи претера
Бунтовниците во Сомалија бараат претседателот да си оди
ХАЛАЛ-рестораните за брза храна се множат во Франција
Војската уби 45 милитанти и нивни роднини во Пакистан
Во Ирак се' уште се гине