23.09.2010, 17:21 Парковите во Велес полни со отрови
Испитувањата открија енормно присуство на олово, кадмиум и цинк
ВЕЛЕС – Почвата во Велес е загадена со канцерогени метали и седум години по затворање на „Топилница“, покажуваат последните испитувања на експерти од Природно-математичкиот факултет. Тешките метали олово, кадмиум и цинк ги има во значително поголеми количини отколку што се дозволени според светските стандарди.
„Експертите препорачуваат, велешани повеќе не смеат да бидат во контакт со почвата, која е полна со отрови“, вели Ненад Коциќ, претседател на Еколошкото друштво „Вила Зора“.
Испитувањата во Младинскиот парк на длабочина до 20 сантиметри покажале дека кадмиумот, кој предизвикува канцер, го има дваесет пати повеќе, оловото во некои делови од паркот го има дури пет пати повеќе, а присуството на цинкот е четири пати споредбено со холандските стандарди.
Слична е и состојбата со Градскиот парк, каде што на повеќе места биле извршени проби, а резултатите биле поразителни. „Не смееме да дозволиме децата да бидат присутни на загадените површини во парковите, зашто тие се потенцијална опасност за нивното здравје“, вели Коциќ.
За да ја променат состојбата, велешани решија сами да ја чистат почвата. Еколошкото друштво „Вила Зора“ по втор пат ќе спроведува фиторемедијација, овој пат со рози. Четири до пет илјади садници рози од домашно производство ќе бидат засадени во Младинскиот и во Градскиот парк. Садењето се очекува да почне по 15 октомври, веднаш по изборот на најповолниот продавач на рози.
„Кореновиот систем на рози ќе ги впива тешките мет��ли од почвата, а од друга страна, физички ќе ги оддели граѓаните од загадената почва. Така и градот ќе се уреди хортикултурно“, вели Горан Петров, градоначалник на Општина Велес. Тој се надева дека Владата и НВО секторот ќе му помогнат на Велес.
Резултатите од загаденоста на велешката почва екологистите ќе ги испратат до министерствата за животна средина, за земјоделство и за здравство. Екологистите се надеваат дека Велес од град на олово ќе прерасне во град на рози. (С.Ќ.Н.) |