На Брегалница ќе се градат мини-акумулации
Иван Бојаџиски
ШТИП - Градоначалниците од единаесет општини во источниот плански регион им дадоа приоритет на пет од вкупно дваесетина проекти. Реализацијата треба да стартува есенва. Приоритетите се договорени на завчерашната седница на Советот на регионот одржана во Делчево.
Регулацијата на реката Брегалница е првиот регионален проект за кој наскоро ќе биде распишан тендер за изработка на студија и веднаш ќе се почне со реализација. Проектот предвидува комплетно чистење на речното корито, како и изградба на мини-акумулации, брани и каскади.
„Во претходна постапка издвоивме седум проекти од најголемо значење за регионот. Но, со оглед на финансиите со кои моментално располагаме, од овие седум издвоивме пет, за кои наскоро ќе распишеме тендер за изработка на студии. Проектите се за искористувањето на потенцијалите на биомасата за производство на енергија, за развој на туризмот, за органското земјоделско производство, за унапредувањето на патната инфраструктура и за регулација на коритото на реката Брегалница. Само за изработка на студиите на располагање се 150.000 евра додека како наше учество во реализација на регионалните проекти моментно на сметката имаме 380.000 евра“, објасни штипскиот градоначалник Зоран Алексов.
Овие пари, според Алексов, не се доволни за успешна реализација на приоритетните регионални проекти. Регионот очекува финансиска поддршка од Националниот совет за рамномерен регионален развој.
„Овој регион, заедно со Кумановскиот, е најнеразвиен во државата. Неговото економско и инфраструктурно заостанување е евидентно и многупати досега констатирано од меродавни институции. Оценивме дека како регион можеме многу повеќе да направиме и за развојот на секоја локална заедница посебно. Оттука и нашиот единствен став ургентно да поработиме на проекти од значење за 150.000 жители“, вели Ратко Димитровски, градоначалник на Кочани и претседател на Советот на регионот.Истокот подолго време се обидува да ја надмине заостанатоста зад другите региони.
„Имаме мошне лоша патна инфраструктура, запуштени речни корита, големи потенцијали во биомасата, а географијата на регионот е таква што овозможува комплементарност во развојот на туризмот. Природните погодности се одлична предиспозиција за органско земјоделско производство. Поради сето ова, имаме голема одговорност да направиме нешто позначајно за регионалниот просперитет“, укажува Тони Тоневски, градоначалник на Пробиштип.
|