Монтажниот паркинг се пресели во Ново Лисиче
Во Аеродром, сепак, ќе се гради монтажен паркинг, иако неодамнешниот обид на општинарите да почнат да градат таков објект во близина на Мајчин дом наиде на отпор од граѓаните. Општината и ЈП „Градски паркинг“ се договорија со жителите на тоа место деновиве да воведат зонско паркирање, додека монтажниот паркинг ќе го преселат во Ново Лисиче.
Планирано е постојниот паркинг покрај зградите кај Прокредит банка во Ново Лисиче да се надгради со челична конструкција со што ќе се добијат дополнителни педесетина места за паркирање. Општината наскоро ќе ја избере и фирмата-изведувач на конструкцијата.
„Деновиве привршува рокот за избор на фирмата и околу 20 декември би започнале со изградбата, која, според процените, би траела не повеќе од 7 месеци. Сметам дека ваквиот тип паркинг е најфункционално и најекономично решение, бидејќи за малку пари се добиваат дополнителни паркинг-места“, вели градоначалникот Ивица Коневски, кој е убеден дека граѓаните за кратко време ќе ги почувствуваат бенефитите од монтажниот паркинг.
Паркингот, чија изградба нема да чини повеќе од 20 милиони денари, ќе биде бесплатен, а за негова изведба нема да се уништи ни педа зеленило. Освен од челична конструкција, паркингот ќе има и бетонски столбови, а ќе се осветлува со посебен тип канделабри. Коневски планира ваков тип паркинзи да гради уште на неколку локации, но тоа, како што вели, пред се', ќе зависи од желбата и одлуката на граѓаните. (Дс.Т.) |