Кај Прилеп загина параглајдерист од Финска
Џони Бломберг најпрвин удрил во карпите, потоа во грмушки и на крајот паднал врз земја
Моника Талеска
Параглајдеристот Џони Бломберг (60) од Финска загина во несреќа што од се' уште неутврдени причини се случила завчера околу 15,30 часот за време на неговиот лет кај месноста Стогови, на 1.420 метри надморска височина, во близина на манастирот кај прилепското село Прилепец.
Леталото паднало на непристапен терен во карпи, а поради здобиените тешки телесни повреди Бломберг починал на местото на несреќата.
Бломберг го изведувал својот лет како еден од сто и дваесетте учесници на Меѓународното првенство во параглајдерство, во дисциплината прелети, на нординските држави „Нордик опен“, со почетна кота од месноста Слива, Мариовско.
„Имало силен ветер. Параглајдеристот најпрвин удрил во карпите, потоа во грмушки, па паднал врз земја. На оваа несреќа биле сведоци другите учесници на превенството, кои отишле веднаш да му помогнат, но тој веќе не давал знаци за живот“, информираат од МВР. За да се извлече телото на Бломберг бил ангажиран алпинистичкиот тим на Единицата за специјалини задачи при МРВ и хеликоптер.
Иако на местото на настанот, веднаш пристигнала и екипа на итна медицинска помош, доцна било за каква било интервенција.
„Поради здобиените тешки телесни повреди при падот од височина на непристапен терен во карпи, параглајдеристот починал на местото на несреќата“, вели д-р Гоце Јонзоски, началник на Службата за итна медицинска помош во Прилеп.
Организаторите на првенството, прилепскиот параглајдерски „Делта клуб“, велат дека условите за летање тој ден биле идеални.
„Според нашите првични сознанија, се работи за каскада на параглајдеристот, панична реакција, со влегување од една во друга грешка. Сепак, истрагата ќе ги покаже причините за смртта“, велат од клубот, вознемирени поради несреќата.
Истражниот судија Даница Павлоска, која изврши увид ,побара да се изврши обдукција врз телото на параглајдеристот за да се дооткријат причините за смртта.
Државното превенство што започна на 19 е прекинато еден ден порано. Учесниците жалат за несреќата, велат нивниот пријател имал искуство. Бломберг учествувал на неколку меѓународни натпревари.
Инаку, во последнава деценија оваа е трета несреќа на параглајдерски превенства што се одржуваат на овој простор. Пред две години на меѓународно првенство во дисциплина прецизно слетување, загина прилепчанецот Тони Аврамоски во несреќа што се случи во близина на селото Алданци. |