Шврговски разреши тројца заменици од „организиран криминал“
Љупчо Шврговски
За државниот обвинител смените се поради нивно прераспоредување на нови места, но јавноста ги толкува поинаку
Државниот јавен обвинител Љупчо Шврговски во петокот донесе одлука со која тројца заменици од Одделението за гонење сторители од областа на организираниот криминал и корупцијата при Јавното обвинителство на Македонија се прераспоредуваат на нови работни места. Така, заменик- обвинителките Гордана Ѓешкоска и Вилма Рускоска од септември се враќаат на своите стари работни места, односно во Основното јавно обвинителство-Скопје, а заменикот- обвинителот Петар Аневски ќе се врати во Битола.
„Точно е дека донесов одлука за разрешување на двете колешки, но не од причини кои беа спомнувани во јавноста, туку исклучиво поради нивно прераспоредување. Исто така, е точно дека колегата Аневски ќе замине од досегашната должност, но неговото разрешување е направено исклучиво по негово барање“, ни изјави првиот човек на Обвинителството.
Според Шврговски, заменици- обвинители од „специјалното“ одделение ќе продолжат да ги извршуваат своите обврски во веќе започнатите предмети, а веќе на 1 септември ќе преминат на старо-новите работни места. Републичкиот јавен обвинител вели дека засега не планира донесување нови лица и дека извесен период испразнетите места ќе бидат преместувани со постојниот кадар на „специјалното“ одделение на Јавното обвинителство.
Иако за Шврговски во разрешувањата на тројцата негови соработници нема ништо спорно, сепак, во јавноста се вртат приказните дека смените доаѓаат по серијата „неуспеси“ што во изминатиов период ги претрпе Јавното обвинителство, а особено Одделението за борба против организираниот криминал и корупцијата. Имено, разрешувањето на Гордана Ѓешкоска доаѓа веднаш, по поднесувањето на жалба до Кривичниот совет на Основниот суд Скопје 1 за случајот на Зоран Заев, а откако претходно истражниот судија Седат Реџепагиќ два пати донесе решение со кое на струмичкиот градоначалник и актуелен потпретседател на СДСМ, но и на петмина други не им изрече мерка притвор. Сега, разрешената Ѓешкоска работеше на случаите „Југ“, „Змеј“ и „Охис“, а во моментов постапува во предметот што се води против градоначалникот на Општината Аеродром, Кирил Тодоровски.
И за смената на Вилма Русковска се говори дека таа доаѓа по петочното фијаско кога адвокатите на обвинет��те во случајот „Змиско око“ го напуштија процесот и си заминаа. Во конкретниов предмет, Обвинителството ќе треба да ја докаже висината на наводно причинетата штета, која, како што првично соопшти и МВР, била поголема од четири милиони евра.
Официјалниот став за разрешувањето на Петар Аневски е дека тоа е сторено на негово барање, наводно, поради здравствени проблеми на заменик- обвинителот, но и за неговата смена неофицијално се говори дека е резултат на „лоши“ резултати. Како „грев“ на Аневски му се зема тоа што уште минатото лето не успеал да истурка мерка притвор за поранешниот претседател на СДСМ и премиер на Владата на РМ, Владо Бучковски, но и поради тоа што конкретниот случај и натаму релативно лошо се развива за Обвинителството.
Во изминативе два дена неколку пати се обидовме да контактираме со разрешените во обид да дознаеме нешто повеќе за смените, но на повиците тие не одговараат. (Љ.С.) |