Во Собранието се фалсификуваше гласање
Некој од место гласаше за Мисовски за Законот за прекршоци
Во парламентот вчера се случи скандал откако некој од пратениците си дозволи да го фалсификува гласањето и да гласа во името на пратеникот Горан Мисовски од НСДП, иако тој воопшто не беше присутен во собраниската сала.
Најкуриозитетно е тоа што скандалот се случи при јавното поименично изјаснување и за малку ќе поминеше незабележано доколку не изреагираа пратениците од ЛДП. А, бидејќи се покажа дека гласот на Мисовски, всушност, бил одлучувачки за усвојувањето на измените на Законот за прекршоци, овој двотретински закон (се носи со минимум 80 гласа) не ја доби собраниската верификација. Сега ќе мора да се чека најмалку шест месеци за неговото повторно влегување во собраниска процедура.
Инаку, пратениците вчера за споменaтиот закон најпрво гласаа електронски, при што позитивно се изјаснија 77 парламентарци од владиното мнозинство и од СДСМ, а тројца пратеници од ЛДП беа воздржани. По ова координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Силвана Бонева, побара поединечно гласање. Во моментот кога собранискиот службеник го прочита Мисовски, некој од место во негово име кажа „за“ и тоа беше регистрирано. Така што излезе дека Законот добил 80 гласа „за“.
Следуваше реакција од пратеничката група на ЛДП, од каде што забележаа дека Мисовски воопшто не беше присутен на гласањето. Во меѓувреме дојде и Мисовски и зачудено прашуваше како може да биде евидентирано неговото гласање кога не бил во салата. Спикерот Трајко Велјаноски ја прекина седницата и свика координација со пратеничките групи. На состанокот било договорено во иднина, секој пратеник при поединечно гласање да стане од место и да го каже својот став. (О.В.) |