ИНТЕРВЈУ
Владата не' критикува грубо и несмасно
Исо Руси, претседател на Хелсиншки комитет
Светлана Унковска
Господине Руси, како ги доживувате континуираните реакции и критики од власта за извештаите на Хелсиншкиот комитет?
Би рекол нормално. Секогаш кога се во опозиција, политичките партии имаат едно мислење за нас, а кога ќе дојдат на власт, имаат друго мислење и тука не правам некаква битна разлика, освен во нивото на реакции на оние што се на власт. За жал, оваа последна власт реагира малку несмасно, грубо, би рекол на едно пониско ниво од претходната. Ние бевме почестени со одлуката на собраниската Анкетна комисија за човекови права да не' покани да ги разгледува сите наши месечни извештаи како што се објавуваат. Бидејќи ги објавуваме еднаш месечно, а тие заседаваат малку поретко, последниот пат се случи да се натрупаат неколку извештаи и ние да бидеме единствена точка на дневниот ред.
Претставниците на мнозинството одбија да расправаат, односно да го усвојат дневниот ред со образложение дека нашите намери биле со тие месечни извештаи да го дигнеме рејтингот на опозицијата непосредно пред избори. Беше несфатливо обвинението дека ние 4-5 месеци пред изборите, значи порано од партиските штабови, сме почнале да размислуваме за рејтингот на опозицијата и за тоа како да и' помогнеме, што не' става во едни партиски води. Тврдам дека таа промена е драстична, бидејќи таа иста партија, кога беше во опозиција, земаше делови од тие исти наши месечни извештаи и ги публикуваше со партиско лого во дневните весници. Без никаков коментар. Доволно им беше тоа што сме го кажале ние.
Дали ваквите реакции ви пречат или ви годат затоа што, всушност, се доказ дека сте им погодиле болна точка?
Не ни пречат, но ниту пак ни годат. Затоа што пос��ои едно генерално недоразбирање меѓу политичарите и нашите активисти во овој невладин сектор. Најевидентно се гледа со тоа што државата во сите овие години од независноста нема изградено ефикасен механизам за поддршка на невладиниот сектор. Генерално, постои недоразбирање на власта, која не ја разбира улогата на цивилниот сектор. Тие сметаат дека немаме ништо заедничко, бидејќи тие се владини, а ние сме невладини. Не разбираат дека и едните и другите се заради потребите на граѓаните. Граѓаните издвојуваат некои средства со кои се финансираат државните институции, но дел од тие средства треба да бидат упатени и во невладините организации кои се битен систем и кои постојат секаде во светот. Постои еден износ во буџетот кој по дефиниција се злоупотребува од година во година. Ќе видите дека тие средства им се даваат на програми и институции кои немаат врска со она што треба да биде дејност.
Дали ваквиот однос има некакво влијание врз работата на Хелсиншкиот комитет?
Па, влијание има со тоа што одзема многу време и енергија. Не го решава проблемот што го има невладиниот сектор со долготрајното финансирање. Откако постоиме, 15-ина години, не сме зеле ниту денар од државата, ниту државата ни доделила денар. Во ситуација во која ние сме сега како земја-кандидат, а дај, боже, ако утре добиеме и датум за преговори, тогаш автоматски ќе ни бидат укинати голем дел од приходите што ги добиваме од донатори, посебно од земји-членки на ЕУ. Значи, утре ќе бидам доведен во ситуација да соработувам со некое министерство за да земам европски пари. Како да соработувам со министерство чија влада ми вели дека сум нејзин непријател.
Еве, во нашиот последен извештај се наведени повреди на демократските принципи и во сите четири случаи ја проблематизираат состојбата во правосудството и степенот на достигнатите реформи. Владата се меша во нешто што не е нејзина работа. Во еден случај дава мислење за Судскиот совет, иако не смее да го прави тоа. Судството падна во случајот на спорот ЕЛЕМ - ЕВН, имате проблематизирање на правната држава со случајот на сопругата на министерот за правда...
Но, Владата тврди дека таа достојно ја почитува автономијата на секоја од трите власти.
Како можете да го протолкувате фактот што министерот за правда излегува со закана или ако сакате предупредување до судиите, во која вели дека Судскиот совет ќе ги разгледува сите случаи на судиите кои не расчистиле со заостанатите предмети. Маневски е член во Судскиот совет по функција. Значи, Советот ниту го претставува ниту зема обврски на претседателството. Зошто тој му дава задачи на Судскиот совет!? Тој е само член на Владата, дел од извршната власт. Што има тој да дава мислење. За тоа си постои орган во системот што треба да каже. Ако излезе претседателот на Судскиот совет и го каже истото тоа, сосема е прифатливо, а не и министерот за правда. Или, пак, да дава огласи во кои го стимулира народот за тоа кои му се правата, а всушност, им праќа порака на обвинителите и на судиите дека некој може да ги гони кривично. Сите тие се мерки за кои секој однадвор ќе ви каже дека се мешање на лончињата и се упатување заканувачки пораки кон правосудството. А настрана тоа што и Судскиот совет и Советот на гувернерите се така направени што по разни основи, особено ако дојде во ситуација кога претседател и мнозинството се од иста политичка опција, тогаш од 11 членови на Судскиот совет, шестмина се политички одбрани или се по службена должност, што значи дека мнозинството се политичари или се под влијание на политичарите. Е каква реформа посакуваме ние!?
Главно, во извештаите посветувате внимание на она што значи прекршување на правата во судството. Како е во другите сегменти на општественото живеење?
Можеби сега излегува дека е тоа така, бидејќи ние го следиме она што се случува и во зависност од интензитетот на настаните во областите, реагираме. До пред една година не' обвинуваа дека исклучиво се занимаваме со полицијата. Поради фактот дека се занимававме со програмата за тортура на полицијата и за новиот Закон за полицијата, кој ни оддалеку не ја реформира полицијата, поради фактот дека се шминкаат сите нивни внатрешни контроли и покрај одвреме-навреме пропагандистичките бројки дека не знам колку полицајци се суспендирани, колку се избркани.
Моето лично мислење е дека полицијата е иста онаква каква што беше во времето на социјализмот. Алатка во рацете на партијата на власт и тука нема никакви промени. Не се реформира тој сегмент и си остана како што си остана со помош на дневната политика. Тоа што се менува е тежиштето, па сега во прв план излегуваат состојбите во правосудството, што се должи на големиот број политички монтирани судења и политички реваншизми. Имаме се' повеќе такви случаи што ја навестуваат тенденцијата за враќање на категоријата политички судења, политички затвореници... Сите одат нанапред, ние се враќаме наназад.
Дали тоа значи дека степенот на почитувањето на човековите права е во многу полоша ситуација отколку порано?
Многу често мене и на други претставници на Комитетот странски авторитети ни велат добро е што постојат вакви невладини организации, како што е Хелсиншки комитет и други, кои се во кондиција да почувствуваат и да детектираат деформации. На тоа им одговарам дека ние воопшто не сме среќни. |