Колектор за спас на клучката „Континентал“ од поплави

Градот Скопје ќе гради магистрален колектор преку Ќерамидница до коритото на Вардар
Градот Скопје ќе го реши проблемот со поплавувањето на клучката „Континентал“ со изградба на магистрален атмосферски колектор од клучката преку населбата Ќерамидница до коритото на реката Вардар. Градот планира да започне проектот да го реализира кон крајот на оваа година или кон почетокот на идната.
Со тоа, сметаат градските власти, целосно, трајно и квалитетно ќе се реши проблемот на сливањето на атмосферските води на овој потег и ќе се избегне во иднина поплавување на сообраќајницата. Проблемот настанува особено при поројни дождови кога постојната атмосферска канализација нема доволен капацитет да ги одведе надојдените води.
Според заклучоците на Комисијата за увид на состојбата, која ја формираше градоначалникот Коце Трајановски по последната поплава пред два месеца, постојната примарна и секундарна канализација во околината на клучката задоволува само при послаби дождови. Поради тоа, при последните поројни дождови, новата сообраќајница, чија изградба чинеше околу 3 милиони евра, по неколку часа беше целосно нефункционална.
За решавање на проблемот, заклучиле во Градот, неопходно е довршување на колекторот за одвод на атмосферските води до Вардар, на што во иднина ќе работи „Водовод и канализација“. До крајот на годината, по налог на Комисијата, јавното претпријатие треба да ја провери функционалноста и пропусноста на мрежата во самата клучка, како и да ја утврди вистинската состојба на трасата на која треба да се гради новиот колектор, со цел при изведувањето на градежните работи да не се јавуваат непредвидени проблеми. За конкретниот потег е подготвена и потребната техничка документација, споре�� која ќе се изведуваат градежните активности. (С.Н.) |