Јакимовски ja бара бившата американска амбасада

Владата ќе одлучи за иднината на објектот кој од 1 август и' се враќа на државата
Деспина Трајковска
Општина Карпош побарала Владата да и' го отстапи на користење објектот во кој до неодамна беше сместена американската амбасада. Градоначалникот Стевчо Јакимовски уште пред еден месец поднел барање да го добие објектот под своја надлежност и во него да отвори градинка. Дали барањето на Општината ќе биде прифатено или објектот ќе биде отстапен на друг субјект, Владата наскоро ќе треба да донесе одлука. Според договорот меѓу Министерството за труд и социјална политика, кое стопанисува со објектот, и амбасадата на САД, тој на 1 август треба да и' биде вратен на државата.
Спиро Ристовски, заменик-министер за труд и социјала, вели дека во опција е во објектот на „Илинденска“ привремено да се смести и некое од министерствата кое сега е под кирија.
„На една од владините седници се разговараше за иднината на објектот. Имаше некои размислувања во него привремено да се смести некое од министерствата што нема своја зграда, додека не се најде трајно решение. Со барањето на Општина Карпош се' уште не сум запознаен, но со оглед на тоа дека порано во објектот имаше детска градинка, сметам дека идејата на Јакимовски е издржана. Сепак, конечна одлука треба да донесе Владата“, изјави Ристовски.
Во објектот, кој амбасадата на САД од државата го доби на користење во 1995 година, Јакимовски би сакал да отвори градинка во која децата би учеле на странски јазици. „Имаме барања за отворање такви градинки, бидејќи неколку странски паралелки веќе функционираат во постојните установи. Сепак, мислам дека објектот на поранешната амбасада е најсоодветно решение за отворање градинка во која децата, освен на англиски, би имале можност да учат и на француски и на германски јазик. Истовремено, сметам дека логично е државата нам да ни го додели објектот, бидејќи локациски тој и' припаѓа на Општина Карпош“, вели Јакимовски, кој се' уште не добил никаков одговор од државата, а се надева дека на барањето ќе му биде одговорено позитивно.
Од амбасадата на САД немаат сознанија кој би бил евентуалниот нов кираџија на објектот. Единствено велат дека имаат обврска на 1 август да и' ја отстапат зградата на државата, односно на Министерството за труд и социјала. Дотогаш, комисии од Министерството и од амбасадата ќе треба да се договорат дали објектот ќе се врати во истата состојба како кога тој бил предаден на Американците, или во постојната состојба, бидејќи, како што велат од амбасадата, во изминативе години во него делумно се вршени реконструкции од просторни и други потреби. Допрва ќе се одлучи дали и бетонските блокови поставени на надворешниот дел од зградата ќе се отстранат или, пак, и понатаму ќе служат како безбедносни препреки. |