Нема уставни измени без Бадентер
И Венециската комисија не оправдува „вето“ во Уставен суд
Александра М. Митевска
Ако не се прифати барањето на партиите на Албанците за двојно мнозинство при одлучувањето во Уставен суд, нема да се реализира ниту идејата за промена на Уставот. До ваква ситуација „или - или“ стигнаа главните актери на политичката сцена, откако на иницијативата на власта за корекции во составот на Судскиот совет се налепија уште многу други предлози за уставни измени.
Клучното барање на ДУИ и на НД да се инсталира Бадентеровото гласање и во Уставниот суд не само што е неприфатливо за повеќето експерти и за партиите од македонскиот блок туку е и во спротивност со меѓународните правила и европските стандарди, кои не познаваат етнички и политички принципи при заштитата на уставноста и законитоста. Пример во таа насока е мислењето на Венециската комисија при Советот на Европа за предлогот од 2005 година да се интервенира во правилата на гласање во Уставниот суд во Босна и Херцеговина, како држава со мешан етнички состав. Комисијата дала негативно мислење за предлогот одлуките на тамошниот Уставен суд да бидат валидни само ако за нив гласа најмалку по еден судија од конститутивните народи. Експертите во Венециската комисија заклучиле дека долгорочна цел на БиХ е од држава на конститутивни народи, да се движи кон граѓанско општество, така што евентуалното имплементирање на предлогот за промени во одлучувањето на Уставниот суд би значело враќање чекор назад од зацртаната цел. Според мислењето на Комисијата, овој предлог е спротивен на европските стандарди, бидејќи специфичната ситуација во БиХ не може да се оправда со решенија што се во спротивност со многубројни уставни
принципи и во практика
може да предизвикаат сериозни проблеми.
Уставниот судија Игор Спировски, заменик-член на Венециската комисија, смета дека обидите да се образложи предлогот за воведување двојно гласање според етничка линија при одлучувањето во Уставниот суд претставуваат тешка навреда на интегритетот на правничкиот ум и резонирање. Според него, тоа се обиди за деструкција на конституционализмот и владеењето на правото.
„Такво решение не само што не постои никаде во Европа, дури ни во Белгија туку веќе и Венециската комисија го има оценето како спротивно на европските стандарди и принципи“, посочува Спировски.
ДУИ и НД, пак, се категорични: предлогот Бадентер да влезе и во Уставниот суд произлегува од духот на Рамковниот договор. Овие две партии нема да гласаат за уставните измени ако не се прифати нивното барање. На тој начин НД и ДУИ, всушност, ќе оневозможат да се донесат и амандманите што би резултирале со заминување на министерот за правда и на претседателот на Врховниот суд од Судскиот совет. Ќе падне во вода и иницијативата на СДСМ за продолжување на рокот во кој застаруваат кривичните дела поврзани со приватизацијата. Иако ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ би можеле да обезбедат двотретинско мнозинство за да го изгласаат пакетот уставни промени, ќе им недостасуваат гласови на пратеници од заедниците. Во т.н. мајски договор што го постигнаа лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и на ДУИ уште во 2007 година, Уставот беше сместен во списокот со закони за чие донесување е потребно двојно мнозинство. Универзитетскиот професор, Љубомир Фрчковски, вели дека ситуацијата што сега се создаде околу најавените уставни измени произлегува токму од тој договор. Но, во случајов, како што вели Фрчковски, добро е што е предвиден таков механизам, бидејќи Уставот ќе се заштител од штетни и глупави промени.
„Партиите на Албанците ќе го спречат донесувањето на измените што брзоплето беа пласирани во јавноста и со кои требаше да се заколи вол за да се добие шницла. Во иднина, Уставот ќе се менува само ако парламентарните партии обезбедат широк консензус“, објаснува Фрчковски.
Работната група што ја формираа ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и НД со цел да се доближат ставовите за уставните измени, повторно ќе се состане в понеделник. СДСМ вчера го презентираше предлог-амандманот за ревизија на приватизацијата, со кој би се коригирал член 52 од Уставот, според кој, законите не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок - во случаи кога тоа е поповолно за граѓаните. Според социјалдемократите, исклучок треба да биде и продолжувањето на рокот за застарување на кривичното гонење и извршувањето на казните за дела поврзани со трансформацијата или продажбата на претпријатијата со општествен и државен капитал. |