Енди Шлек како виор на Галибие

Македонското знаме на Тур де Франс Неколкумина Македонци со развиорени македонски знамиња го поздравија пристигнувањето на целта на планинскиот врв Кол ди Галибие на водечкиот Томас Веклер во 18. етапа на Тур де Франс
Предноста на лидерот Веклер се стопи на само 15 секунди по највисоката етапна цел во историјата на Тур де Франс
Енди Шлек го остави трикратниот освојувач Алберто Контадор да се прпелка на разредениот планински воздух, оставајќи ги далеку зад себе своите ривали на Тур де Франс со инспиративното искачување до победата во 18. етапа. Луксембуржанецот, кој заврши веднаш зад победникот Контадор во двете последни изданија на најпрестижната велосипедска трка во светот, во свој стил го досегна врвот Галибие висок 2.645 метри, највисок финиш на етапа во историјата на Тур. Но, неговите напори не беа доволни за да му ја одземе жолтата маичка на Томас Веклер.
Надежите на Контадор за четврти триумф на Тур де Франс претрпеа тежок удар со пласманот дури на 15. место и со заостанувањето од 3:50 минути зад Шлек, останувајќи седми во вкупниот поредок, па ќе му треба чудо во двете последни етапи за да слави одново на Шанзелизе в недела.
„Предупредив дека оваа етапа ми е приоритет. Не сакав да го завршам Тур на четвртото место. Решив да одам на се' или ништо. Денеска успеав“, изјави Шлек.
Французинот Веклер, со изобличено лице од болка и страдање, ја помин�� целната линија 2:20 минути по етапниот победник, задржувајќи го водството во генералниот пласман, сега со само 15 секунди предност во однос на Шлек. Уште еден јунак во истоштувачката етапа долга 200,5 км од италијанското гратче Пинероло беше Австралиецот Кадел Еванс, кој ја предводеше групата зад Шлек. На целта стигна трет, зад братот на Енди, Френк Шлек, а со заостанување од 1:12 минути зад Веклер, што е идеална позиција за светскиот шампион од 2009 година пред индивидуалниот хронометар во Гренобл, негова специјалност.
„Таков е мојот карактер. Не се плашам да изгубам. Знаев дека, ако ти сакаат да ја намалат разликата, ќе мора да страдаат колку и јас“, додаде Шлек. „Денеска се чувствував извонредно. Во следната етапа ќе атакувам на жолтата маичка“.
Веклер, прв Французин што по повеќе од 20 години води на Тур де Франс три етапи до крајот, вели дека се чувал во оваа етапа.
„Денеска Шлек го направи своето, а јас моето. Во завршницата останав целосно без здив на високата надморска височина. Кога го видов Енди како заминува, не се обидував да тргнам по него. Моето возење го базирав на Кадел Еванс“, изјави Веклер.
Резултати од 18. етапа: Енди Шлек (Луксембург/Леопард) 6:07,56 ч., Френк Шлек (Луксембург/Леопард) +2:07 минути, Кадел Еванс (Австралија/БМЦ) +2:15 минути итн.
Вкупен поредок: Томас Веклер (Франција/Јуропкар) 79:34:06 ч., Е. Шлек +15 секунди, Ф. Шлек +1:08 минути итн. |