Шкендија и Металург по првиот трофеј
Сашко Ѓ. Димовски
Шампионот Шкендија и освојувачот на националниот куп Металург ќе ги одмерат силите во недела (18.30 ч.) на арената „Филип Втори“ во македонскиот Суперкуп, натпревар што оваа година за првпат се организира кај нас. Награден фонд не е предвиден, но затоа желбата да се влезе во новата сезона со трофеј е присутна и кај едните и кај другите, откако завршија со обврските во европските фудбалски купови. Шкендија во вторникот беше елиминирана од белградски Партизан во второто коло во квалификациите за Лигата на шампиони, Металург, пак, во четврток доживеа шокантен дуел во Бугарија од софиски Локомотив во второто квалификациско коло за Лига Европа.
Фаворит нема, согласни беа претставниците на Шкендија и Металург, бидејќи станува збор за дуел меѓу две екипи што покажаа најмногу во ланското првенство. Притоа едногласно ја поздравија идејата на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) за воведување ваква средба како увертира пред секоја сезона, нешто што се заговараше со години наназад.
„За победа ќе одлучуваат нијанси и факторот среќа. Ја посакуваме победата за да се впишеме во историјата како први освојувачи на титулата во Суперкупот на Македонија“, изјави тренерот на тетовска Шкендија, Ќатип Османи, кој во недела ќе го изведе најсилниот состав, и додаде дека се' уште не може да смета на оние фудбалери кои не настапија против Партизан поради повреди.
Никола Ѓошевски, спортски директор на тимот од Железарница, пак, истакна дека Шкендија е во блага предност поради двата дена повеќе одмор за разлика од Металург. Затоа не можеше со сигурност да каже дали Жикица Тасевски ќе реши да влезе во Суперкупот со првиот состав.
„Екипата е заморена. Имавме шок меч во Софија во четвртокот против Локомотив. Не знам дали ќе играме со најдобрите. Не е исклучена можноста да и' се спротивставиме на Шкендија со комбиниран тим, со нешто помлади играчи“, вели Ѓошевски.
продаден само еден билет
До вЧера напладне!
Билетите за неделниот Суперкуп меч меѓу Шкендија и Металург беа пуштени во продажба пред два дена. Интересно е дека до вчера напладне беше продаден само еден и тоа во Тетово.
За премиерното издание на овој меч кај нас во функција ќе бидат северната и јужната трибина. Влезници за Север се продаваат само во Тетово, за Југ само во Скопје. Но, фановите на Шкендија од Скопје ќе можат да набават карта за северната трибина и во Скопје, на билетарницата на националната арена во недела од 14 до 18 часот. Цената на влезниците е 100 денари.
|