Фетел екстра мотивиран за домашната трка

Во Нирбургринг своја шанса гледаат и Вебер, победникот од Силверстоун, Алонсо, но и Шумахер
Бранителот на титулата Себастијан Фетел од Германија нагласува дека е „дополнително мотивиран“ за своето домашно гран-при во Формула 1 в недела во Нирбургринг, но свесен е дека така се чувствуваат и неговиот тимски колега од Ред бул, Марк Вебер, како и се' подобриот Фернандо Алонсо од Ферари. Лидерот со уверлива предност во шампионатот изгуби од Алонсо во последната трка во Велика Британија, во која на третопласираниот Вебер му беше наредено да не го престигнува Фетел во завршните кругови, за да се избегне евентуален судир што тимот би го чинел многу поени. Вебер, кој својата прва победа во кариерата ја забележа токму на Нирбургринг пред две години, ги игнорираше повторените повици да забави.
Од таа трка во Силверстоун фокусот беше врз иднината на Австралиецот во Ред бул, но Фетел, кој има 80 бода повеќе од својот тимски колега десет трки до крајот на сезоната, се врати во центарот на интересирањето на јавноста во пресрет на трката пред неговите сонародници.
„Една од целите што секој возач на Формула 1 си ги поставува пред себе е да победи во домашната трка. Се разбира, секогаш давате сто проценти, но на домашна трка секогаш сте помотивирани, едноставно, поради тоа што се чувствувате како дома“, објаснува тој. „Годинава се враќаме на Нирбургринг, која е една од подобрите и помодерни патеки“.
И седумкратниот шампион Михаел Шумахер зборува за „екстра мотивација“ пред домашното гран-при, каде што дел од патеката е именуван според подостарениот возач, но фановите стравуваат дека уште еден блед резултат ќе фрли уште поголема сенка врз неговото пребогато наследство. Меѓутоа, Шумахер се чувствува одлично додека Мерцедес се обидува да ја извојува својата прва победа во Германија. „Ние, дефинитивно, сакаме да и' го покажеме на домашната публика нашето највисоко можно ниво на изведба“, порача Шумахер. „Прв пат во трка ќе го поминам свиокот наречен според мене и сакам да верувам дека тоа не е единственото нешто што ќе ме направи горд, туку и брзината“.
Неговиот стар ривал Алонсо од Шпанија е самоуверен откако го покажа својот борбен дух во Силверстоун, по што се искачи на третото место во вкупниот поредок, оставајќи ги зад себе Луис Хамилтон и Џенсон Батон во домашната трка за Мекларен. |