СТИЛ
Гуру пурнима - Денот на духовните учители
Гуру е санскритски поим кој се состои од два слога „гу“ - со значење мрак, темнина и „ру“ - светлини
Љубен Луј Ѓорѓоски
Денот на полната месечина во јули е посебен ден. Тоа е традиционален празник кој го прославуваат сите кои се на патот на јогата и духовноста. Се нарекува ГУРУ ПУРНИМА: Денот на духовните учители. Тоа е ден на исклучителна и нагласена духовна врска меѓу учителот и ученикот.
Во животот на еден човек од најрана возраст и во подоцнежнио период, образованието и воспитувањето имаат особено важна улога. Се' започнува во семејството, со мајката и таткото, кои се првите учители. На своето образование и воспитание човекот обрнува внимание низ целиот живот. И доаѓа до непосредно сознание, порано или подоцна - дека животот е едно училиште и учење кое е нужност за општиот и посебниот развој на човекот. Врв на образованието, вистински светилник во животот е духовното образование. Тоа ги нуди суштествените одговори за смислата на човековиот живот и постоењето. Ако човекот како мудро и свесно битие со чист ум, со широко отворено срце и со детска љубопитност сосема отворено се оддаде во својата духовна потрага и им пријде на внатрешниот повик на своето духовно битие, на неговите духовни сили, заедно со силите на природата и на космосот ќе се отворат и ќе се здружат во реализација на древниот човеков копнеж. Во спиритуалната историја на човекот, духовно љубопитните и ментално неограничените личности наоѓале утеха, знаење, мудрост и совет во дружењето со искусни и духовно реализирани личности. Оваа личност во јогата ја нарекуваме духовен учител - гуру. Упатствата добиени од Учителот, неговите духовни совети се од непроценлива вредност во живот на секој духовен трагач. Секој негов збор претставува знак на патот на себеоткривањето и духовната реализација. Старите мудреци рекле дека вистинска среќа во животот на секој човек е да го најде својот духовен учител и да присуствува на неговите предавања - сатсанг. Тогаш учителот вдахновено, од дното на душата, ја изнесува животната и духовна мудрост базирана на вековното искуство пренесувано во континуитет по лоза на учителите - парампара. Тоа предавање претставува вечно знаење кое вткаено во животот ја интегрира и духовноста во него. Сатсангот го облагородува и го вдахновува човекот - духовниот трагач, преку активно учество во сопствениот живот, тој ја допира вистината и постојано има средба со вистината преку духовните средби со својот учител. Само на вакви средби со духовен учител може да се слушне таква мудрост. Кога срцето е отворено, а умот мирен, тогаш душата е жедна за мудрост, спокој и мир. Таквата жед може да биде згасната и душата со мудрост напоена само со сатсанг. Практикантите и вежбачите по јога, духовните ученици на средбата со својот духовен учител, со својот гуру ги полнат своите духовни батерии директно од изворот. Тогаш се спојува и настанува единство на оној што бара, што е жеден, со оној што знае и тоа знаење неизмерно го нуди. Таква средба со вистината ја имаат само среќници и оние кои ги следат вечните знаци на природата и на космосот. Ако се почитуваат и негуваат природните и космичките знаци, кои се периодични и во хармонија со физичката и духовната потреба на човекот, тогаш настанува преобразба во целокупната природа на човекот.
Она што е потребно на духовниот пат е поголем и посуптилен извор на енергија, кој ќе му помогне на ученикот да ја задржи целта во својот ум и да истрае во спиритуалната практика. Таква поволна ситуација се случува само еднаш годишно во јули, на денот на полна месечина, наречен ГУРУ ПУРНИМА: Денот на духовните учители . Тогаш, при посебната консталација на небесните тела, доаѓа до ревитализирање на личноста, поттикнување на духовноста, до зацвстување на патот на самореализацијата и духовната практика. Ова е ден кога се зацврстува врската меѓу духовниот учител - гуру и ученикот - шишја. Суштествените одговори, практичните вежби и упатствата се добиваат од духовниот учител познат во јогата под името гуру. Гуру е санскритски поим кој се состои од два слога „гу“" - со значење мрак, темнина и „ру“ - светлост. Гуру е олицетворение на универзалниот принцип кој го води ученикот - шишја и неговата свест од мракот на незнаењето кон светлината на знаењето. Со сопствен труд, постојана секојдневна јога-практика, духовните учители стекнале искуство и достигнале знаење и мудрост и тоа им го пренесуваат на оние жедните за знаење - видја, постепено упатувајќи ги кон целта. Бидејќи одговорот и вистинските упаства се добиваат само со голем труд или како резултат на претходни добра дела, дејства, судбина - карма. Процесот на пренесување на знаењето се објаснува со принципот на палење свеќа. Ученикот наречен шишја или цела е во мрак, тоа е свеќата која не гори, а учителот - гуру е пламенот, тој што ја пали свеќата на својот нов ученик, кој станува светлина на знаењето и светлина на мудроста. Во јога- практиката и воопшто во духовниот живот, сосема е нормално во определен период да се појави извесна слабост, мрзеливост која се надминува под водство на учителот. Ретки се тие кои се постојани во практиката, кои се упорни по патот кон целта. За таквите се' е возможно. И ридот ќе дојде пред нивните стапала или морето ќе се раздели за да им направи пат да минат. Со духовниот учител невозможното станува возможно, мракот и незнаењето се повлекуваат, доблесното освојува, насмевката царува на нивните лица, мудроста владее со нивните мисли, погледот милува, зборот лекува, допирот закрепнува. Ова се зборови кои ограничуваат, нешто што според содржината и доблесноста е во зборот и меѓу зборовите. Духовниот учител - гуру е поим кој не може лесно да се опише, тоа е космички принцип. Гуру тешко се сместува и се задржува во мислата на ограничениот човечки ум. Зборовите се немоќни да го опфатат и да го опишат нештото што е големо, доблесно, величествено и апсолутно возвишено.Таква е природата на духовниот учител - гуру. Само срцето може да го осети, а душата да го почувствува овој величествен дар.Тој е светилникот во спиритуалниот живот. Затоа, кон секој што добро, позитивно и доблесно ве советува и подучува, прифатил да биде вашиот духовен учител низ овој живот и кој го трасира вашиот духовен пат, нужна е почитта и понизноста на овој голем ден: ГУРУ ПУРНИМА: Денот на духовните учители.
Духовноста и вистинското знаењето тешко се стекнуваат: тие се заслужуваат. Мудроста за среќен, спиритуален и хармоничен живот е дар добиен од духовните учители. Таа е сеприсутна и жива. Само треба да се седне, да се успокојат во мир телото и умот за да се почувствува таа мудрост во себе. |