Брoj 2741  сабота, 19 јули 2008
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Фељтон
Едиторијал
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Време
Хороскоп
Што прават денеска

Претходен број


Site Meter
Забава

СТИЛ

Даниел Јакимовски два дена во Лацио со Пандев и Роки


Горан Пандев, Даниел Јакимовски и познатиот бразилски фудбалер Кафу

Младиот фудбалер од Струмица Даниел Јакимовски, од вториот тим наПјаченца, беше гостин во Рим кај Горан Пандев

Мидораг Мицковиќ

Младиот Даниел Јакимовски не е познато име во македонскиот фудбал. Повеќе го познаваат во Струмица, додека играше за младиот тим на Беласица, а потоа и во најдобриот состав на миленикот на струмичани во времето кога претседател на овој клуб беше Ванчо Таковски.

И токму Ванчо Таковски беше виновен што успешната кариера на ова дваесетгодишно момче беше прекината за повеќе од шест месеци. Што се случи? На традиционалниот младински фудбалски турнир во италијанскиот град Вијареџо, на кој секоја година учествува и Беласица, младиот Даниел Јакимовски беше забележан од неколкуте скаути на италијанските клубови поради неговата добра игра и усетот за голови. Набрзо пристигна и понудата од италијанскиот второлигаш Пјаченца, која сакаше да го види во своите редови овој талентиран фудбалер од Струмица.

- Бев пресреќен кога во Струмица дојде менаџерот на Пјаченца, во јуни минатата година, со желба да ме одведе во Италија. Меѓутоа, Ванчо Таковски не сакаше да ми издаде исписница, бараше поголемо обесштетување за мене. Но и покрај тоа, јас - со согласност на родителите - заминав за Пјаченца и шест месеци само тренирав, бидејќи немав исписница и не можев да играм. Дури годинава, во февруари добив право да можам да настапувам за Пјаченца, откако мојот клуб преку ФФМ успеа да добие исписница и раскинување на договорот со Беласица - ни раскажуваше деновиве Даниел Јакимовски во Струмица, каде што дојде на кус одмор за да се види со родителите и со другарите. За вториот тим на Пјаченца играв стандардно - цела пролетна сезона, постигнав седум гола, иако не сум изразит напаѓач, играм во средниот ред. На трипати бев прогласен и за играч на колото. Во Италија вторите тимови играат редовна лига, задолжително во недела, а првите тимови настапуваат во саботите. Се надевам дека во новата сезона ќе добијам шанса да играм и за првиот тим, иако добив понуда да настапувам за второлигашот Албинолефе од Бергамо, но мене навистина ми е добро во Пјаченца. Добро сум примен, а играчите ме прифатија како да сум Италијанец. Освен тоа, во околината на Пјаченца има многу струмичани кои работат во Италија, така што, иако сум одделен од родителите, не ја чувствувам толку многу носталгијата.

- По завршувањето на првенството, два дена му бев гостин на Горан Пандев во Рим. Иако во италијанскиот печат многу се пишува за мојот идол од Струмица, Горан Пандев, имав можност за тие два дена да се уверам колку е популарен во Рим. Го препознаваат на улица, во ресторан и сакаат да се фотографираат со него. Каде и да седневме, тој секогаш беше во центарот на вниманието. За тие два дена на двапати тренирав со играчите на Лацио, со дозвола на нивниот тренер. Кога Пандев ми кажа дека ќе одиме на тренинг и дека и јас ќе тренирам со играчите на Лацио, малку се исплашив, особено кога го облеков дресот на популарниот римски клуб.

- " Даниел, ајде на Италијанциве да им покажеме како играме ние од Струмица" - со насмевка ми рече Горан кога за време на тренингот играа два тима на Лацио меѓу себе. И во сон не помислував дека еден ден ќе играм покрај Пандев и миленикот на римјаните, Роки, едно полувреме. Тоа за мене беше како некој филм.

- Вие, струмичаните, како да сте родени за фудбал, се шегуваше по тренингот Роки. За една година добро научив италијански, слободно можев да разговарам со играчите на Лацио, за кои Пандев и Роки се главни во тимот. Тоа јасно се гледаше, а и го почувствував во тие два дена колку што бев заедно со Горан Пандев и со играчите на Лацио. По тренингот, не можевме да отидеме во станот на Пандев. Еден куп деца го чекаа пред стадионот барајќи да им се потпише, на што се' не. А тој, кутриот, не можеше да ги одбие.

- На заминувањето од Рим, понесов три торби полни со спортска опрема, што Горан Пандев им ја испрати на фудбалерите на Беласица и на своите пријатели во Струмица . Не знам колку го плаќа мобилниот телефон, но верувам дека сумата не е мала, бидејќи дневно по десетина пати зборуваше со пријателите во Струмица, се интересираше што направила Беласица во бараж-мечот со Силекс за влегување во Првата лига и постојано го бараше претседателот на клубот, Перо Мишевски, но и неговиот голем пријател Благој Истатов. Малку беше разочаран што Беласица не успеа да се пласира во Првата лига, но на заминување ми рече: „Даниел, поздрави ги сите, можеби идната сезона Беласица ќе биде прволигаш“.

Тоа беше приказната за младиот Даниел Јакимовски, втор Македонец, по Горан Пандев, кој моментно игра во Италија. Досега за вториот тим на Пјаченца, а од есен, веруваме, и во првиот.


Статијата е прочитана 538 пати.

Испрати коментар
Најди! во Утрински
Барај со НАБУ
Забава
Лозова ВС - за уживање со стил
Кина каква што наскоро ќе ја нема
Гуру пурнима - Денот на духовните учители