„Дун и Брадстрит“: Прогнозите за раст од 3,5 отсто се преоптимистички
Прогнозата на македонската Влада за раст на БДП од 3,5 отсто во 2011 година е преоптимистичка. Доколку се согледаат актуелните услови, реално е да се очекува растот да достигне два отсто. Ова се наведува во јануарскиот извештај за состојбите во македонската економија што го објави една од најпознатите светски бонитетни куќи „Дун и Брадстрит“. Се констатира дека иако Македонија има солидна платформа за забрзување на растот, заживувањето на економијата оди бавно. Според „Дун и Брадстрит“, главната загриженост за македонската економија е поврзана со фискалните дефицити регистрирани речиси во сите месеци од 2010 година.
Оваа бонитетна куќа предвидува дека Владата наскоро ќе биде принудена да ги кастри буџетските расходи, но и да пристапи кон ново надворешно задолжување.
„И во нацрт-буџетот за 2011 година, Владата планира буџетски дефицит од 2,5 отсто од БДП. Со оглед на кревките приходи, ќе биде принудена на ребаланс на буџетот насочен кон кратење на трошоците, но според наши оценки, тоа нема да биде доволно. Владата ќе мора да бара надворешно задолжување со цел да го финансира планираниот фискален јаз“, ��е вели во извештајот.
Истовремено се наведува дека долготрајниот спор со Грција останува пречка на патот за членство во ЕУ и НАТО.
„Без решение на повидок, Македонија нема да може да има корист од воена заштита од НАТО алијансата, а ниту ќе биде во можност да профитира од неопходните средства на ЕУ“, се вели во соопштението.
Иако економијата полека се подобрува, кредитниот рејтинг на државата останува ист - БД4б, што ја сместува државата во редот економии со умерен ризик. (Ек.Р.) |