Сиромашните и годинава ќе се греат на државни 10 евра
Владата деновиве ќе каже до кога ќе продолжи акцијата 600 денари на семејство за греење
Маја Томиќ
Социјалните семејства и годинава ќе добиваат по 600 денари од државата за греење, заедно со исплатата на социјалната помош. Проектот почна да се применува на 1 октомври минатата година и беше најавено дека ќе трае до 1 јануари 2011 година. Тој продолжува, најавуваат од Министерството за труд и социјала, но се' уште не е познато за уште колкав период и дали Владата ќе ја задржи истата сума за сиромашните семејства или евентуално ќе ја зголеми.
„Субвенциите за потрошената енергија што почнаа да се даваат лани есента ќе се имплементираат и оваа година, со што ќе се обезбеди континуитет во надоместоците за енергија (струја, огревно дрво, јаглен, нафта и централно греење ). Во текот на наредната недела ќе се произнесеме со подетаљни информации“, посочија од Министерството за труд и социјала.
Оваа мерка на Владата за помош на најзагрозените семејства и натаму нема да биде ставена во законски рамки. Иако пред два дена, како и во претходниот период, опозицијата побара со посебен амандман, во Законот за енергетика да се внесе ова право на државна субвенција, сепак, тоа не беше прифатено од власта. Според министерот за економија, Фатмир Бесими, со 600 денари социјалците можат да купат околу 200 киловат-часови струја, што било приближно исто како во земјите во регионот. Според него, околу 16.000 семејства досега се пријавиле за добивање државна помош за енергија, што е околу една третина од вкупниот број регистрирани социјални семејства. И министерот за труд и социјала, Џељаљ Бајрами, деновиве изјави дека до крајот на 2010 година 20.000 социјални семејства се пријавиле за добивање субвенции за струја, парно или дрва. Слабиот одѕив тој го објасни со совпаѓањето на периодот на давање субвенции со времето кога социјалците треба да направат редовна обнова на документацијата за добивање државна помош. Истовремено, според него, граѓаните и не биле доволно информирани дека треба да ја приложат само последната, а не сите досегашни сметки за да имаат право да аплицираат за субвенции.
До пред еден месец бројките беа разочарувачки. Само околу 12.000 социјални семејства, од регистрираните 58.000 со постојана парична помош, имаа подигнато ваучери за енергија во центрите за социјални работи. И тогаш, како и сега, Министерството изразуваше оптимизам дека бројката ќе се зголемува.
Според првичните пресметки на Владата, со ребалансот беа обезбедени пари само за три месечни субвенции, односно за октомври, ноември и декември 2010 година, и беше најавено дека, ако оваа година има повеќе пари во буџетот, можно е да се зголеми сумата, како и да се прошири бројот на енергетските ваучери. Овој проект е дел од Програмата за субвенционирање на потрошувачката на енергија и чини 36 милиони денари месечно, или околу 580.000 евра.
Македонија е потписничка на повеќе документи за либерализација на енергетскиот пазар, а еден од нивните основни принципи е обврската на државата да воведе социјални пакети за заштита на одредени слоеви на населението од поскапувањата на струјата и на другите енергенси. |