Газдата на „Рамстор“ ќе мора да и' го врати земјиштето на државата?!
Комисијата за заштита на конкуренцијата ја анализира спогодбата за продажба на локацијата
Деспина Трајковска
Постои можност земјиштето на кое е изграден ТЦ „Рамстор“, а кое пред пет години тогашниот премиер Бранко Црвенковски со непосредна спогодба му го продаде на турскиот инвеститор Рахми Коч, да мора да му биде вратено на Министерството за транспорт и врски, односно на државата. Со ваков епилог би резултирала постапката за испитување на компатибилноста на индивидуалната државна помош доделена на „РАМСТОРЕ МАКЕДОНИЈА ДОО“, што ја поведе Комисијата за заштита на конкуренцијата, со образложение дека постојат индиции оти земјиштето од 20.000 квадратни метри е продадено под бенифицирани услови, односно за само 25 евра по квадрат.
„Се сомневаме дека купопродажбата е направена под нереални услови, односно земјиштето е продадено по цена многу пониска од реалната вредност. Ако се утврдат нашите сомневања, фирмата што ја примила државната помош, во случајов ‘РАМСТОРЕ МАКЕДОНИЈА ДОО‘ ќе треба да го врати земјиштето на претходниот сопственик, односно државата“, објаснува Чедомир Кралевски, претседател на Комисијата за заштита на конкуренцијата.
Тој истакнува дека продавачот на неизграденото земјиште, Министерството за транспорт и врски, и Црвенковски, како автор на зделката, нема да сносат последици. Имено, посочува Кралевски, единствено реперкусии за нивното дело ќе може да побара некој од истражните органи доколку види „случај во случајов“. Од Комисијата додаваат дека е неблагодарно да се прогнозира кога би имало конечен епилог од постапката, но посочуваат дека за тоа ќе бидат потребни најмалку еден и пол месец.
Согласно со објавената Одлука за постапката, Комисијата треба да го извести давателот на државната помош за причините за нејзино поведување и повратно Министерството за транспорт и врски во рок од 15 дена до Комисијата ќе треба да достави комплетна документација и извештај за купопродажбата на земјиштето. Истовремено, заради утврдување на компатибилноста на државната помош, од Комисијата ги повикуваат заинтересираните лица да ги поднесат своите забелешки и мислења во рок од еден месец.
Инаку, идентична постапка Комисијата за заштита на конкуренција неодамна поведе и за продажбата на земјиштето во Карпош, кое и' беше продадено на српската компанија „Делта“. Исход од оваа постапка се' уште нема. |