Мислења
Летната манџа на Грујо и Али
Нано Ружин
Груевски ги присобра своите пикови во ризичната партија покер со Ахмети. Ги истроши сите асови, за следното делење ќе успее само блефот
Кога по Балканските војни 1912/13 започна српската колонизација на денешна Македонија, во Валандовско-дојранскиот регион се населиле неколку илјади Срби. Тие стигнале со своите обичаи, навики, култура, традиција, кујна. Во нивните бисаѓи пристигнале разни видови домашни животни и земјоделски култури, слично како во библискиот чун на Ное.
Влијанието на доселениците се почувствувало и во специфичната селска архитектура. Некои села заличиле на српските населби опишани во делата на Радое Домановиќ со широки селски авлии како што денес заличува Јосифово, некогашно Караѓорѓево. Србите со себе го развиле и свињарството. Српските семејства продолжиле да консумираат тешка и мрсна храна во услови на пеколната тропска клима, која и денес владее на југот на земјата. Набргу мрсната храна, холестеролот и свинското ги зеле и првите жртви меѓу дојденците. Особено биле погодени побогатите и поафирмираните Срби. И тогаш инфарктот бил болеста на богатите.
Кога зачестено почнале да умираат, се загрижил и Белград. Кралот испратил неколку намесници да го испитаат случајот, сомневајќи се дека некој од „бугарашите“ ги труе видните Срби. По спроведената кулинарска истрага, кралските намесници кај македонските семејства откриле чорбеста исхрана, која со задоволство ја сркале сите. Во Валандовско таа се нарекувала летна манџа. Тоа била лесна храна со домати, пиперки, посна или масна и многу лесна за консумирање. Обично, ја сркале аргатите и сиромашните семејства. И денес кога во сиромашно семејство ќе дојде гостин, снаа или ќе се роди дете, домаќинот обично ќе прокоментира: „Ќе се снајдеме уште за една уста. Само ќе додадеме една чаша вода во тенџерето“. Намесниците констатирале дека Србите јаделе мрсни свински јадења и биле многу подебели. Набргу и Србите во Валандовско почнале да готват манџа. Македонците уште еднаш покажале дека се работлив, умерен и мирен народ, секогаш подготвен за меѓуетничкото битисување.
Истите квалитети се покажаа и едно столетие подоцна, во 2001 г. Чувството за меѓуетничкиот соживот и кулинарскиот талент за мешање на зеленчукот останаа наш македонски белег. Впрочем, и летната манџа потсетува на мултиетничтоста. Разновидни зеленчуци се мешаат во ист лонец и делат иста кулинарска судбина. И етникумите во нашата земја се осудени да се мешаат и да живеат во истиот казан наречен Македонија и да делат иста судбина. Денес македонскиот лонец е најуспешниот мултиетнички лонец на Балканот. Во нашата земја домаќинките исто како и нивните предци готват вкусна и лесна храна наречена летна манџа. За десерт го мешаат и овошјето и ја создале надалеку позната овошна салата – македонска салата.
Меѓутоа, и меѓу нас Македонците постојат луѓе што преферираат мрсна скара и пастрмајлии наместо летна манџа. Има и такви што никогаш не ја ценеле мултиетничноста, односно сфаќале како мултиетничност во една насока. Во деведесеттите ВМРО-ДПМНЕ беше тврд играч по однос на Албанците. „Лавот ќе му ги искуби перјата на орелот“, метафорично порача тогашниот претседателски кандидат на ВМРО-ДПМНЕ. Тогашните млади лидери и министри на СДСМ во неколку наврати, како што беа битпазарските настани и гостиварските случувања, успешно ја одбранија македонската кауза. Тие само го продолжија Титовиот мултиетнички модел во македонски услови.
Меѓутоа, се' се урна како кула од карти во 2001 година, но Македонија одбегна да заличи на босанскиот лонец. Благодарение на умереноста на Македонците и помошта на НАТО и на Американците, револтот на Албанците не дегенерира. Сепак, многу интелектуални глави не ја сфатија најсериозно опасноста. Дел од новинарите си играа мајтап со реколтата на оружјето, а некои се' уште сметаат дека со отстапувањето во Арачиново, Македонија ја загубила битката од 2001. Охридскиот договор беше отворено критикуван и тоа и од страна на политичари и интелектуалци што денес ги заземаат највисоки функционери во државата. За да биде парадоксот поголем, истите тие што го третираа Охридскиот договор за велепредавство и срам за Македонија денес со „чиста совест“ ја прославуваат десетгодишнината на настанот, организираат и научни собири, а на странците им делат лекции од мултиетничност.
Кога во 2006 година Никола Груевски одбиваше да се сретне со Али Ахмети, настојуваше да го вразуми силниот и разгален човек на некогашна ОВК, кој ја уживаше големата поддршка кај Американците. Претходно, во неколку наврати, Груевски му порача на Ахмети дека нема намера да коалицира со „терористите“, а потоа коалицираше со ДПА. Конечно, по неколку месеци мижимачка, се состанаа. Груевски не му отиде на нозе на Ахмети во Мала Речица каде што му доаѓаа и Робертсон и Солана и Шефер и американските амбсадаори, туку го прими во државна институција.
Во истата 2006 година интелектуалците блиски до ДУИ го наметнаа прашањето за коалицијата на ��обедничката партија во албанскиот блок, со оглед дека ДПМНЕ се изјасни за ДПА, иако освои помал број пратеници. ДУИ реагираше сметајќи дека победникот меѓу Албанците треба да биде коалицискиот партнер во власта. Но, таквото размислување ќе значеше и федерализација, одговорија советниците на премиерот. „Еве, таков лидер ни треба што ќе му покаже заби на Ахмети“, се гордееја во партијата. Груевски порасна уште повеќе во очите на оние што ги мразат Албанците по интервенцијата во Бродец во 2008. „Им се реванширавме за Арачиново“, ликуваа загрижените Македонци по професија.
По победата на изборите од 2008, Груевски ја прифати логика да коалицира со победникот во албанскиот блок, и покрај тоа што имаше апсолутно мнозинство. Новата коалиција донесе нешто ново во меѓуетничките односи на политичките партии. Односите меѓу ВМРО-ДПМНЕ со ДУИ се претворија во чист политички договор со комерцијална логика. Додека за време на владата на Владо Бучковски албанските министри, пред се', Муса Џафери, постојано ги притискаа социјалдемократите за исполнување на нивните барања, овој пат се сменија правилата. ДУИ во договорите за стапување во коалициската влада однапред ги дефинира ставовите со јасно утврдени бројки, цели и датуми на реализација.
По изборната победа во 2011, работите се променија во полза на ДУИ. Списокот на барањата на ДУИ порасна како поради релативното парламентарно мнозинство на ДПМНЕ, така и поради подобрата преговарачка позиција на Ахмети. Сега тој е во состојба да ја урне и владата, да уценува против маневри на Груевски од стилот на Енциклопедијата, православните градби или нерешавањето на прашањето на името за влезот на РМ во НАТО. Сепак, Али Ахмети не е лаком политичар. Тој има ред во предимствата. Најнапред ќе настојува да го реши проблемот што тежи веќе една деценија врз целото раководство на партијата. Сега беше шансата еднаш за секогаш да се реши товарот од минатото преку политичкото амнестирање, на злосторствата на ОВК, хашките случаи, убиствата во мотелот „Бриони“, жигосаните мавровски работници, ликвидираните киднапирани Македонци, Карпалак, Непроштено.
Се смета дека ова се последните барања од тој вид. Затоа сега кога моќта на Груевски зависи од учеството на ДУИ во владата, Ахмети можеше да си дозволи да ги побара овие тешки досиеја. Веројатно, доколку СДСМ беше на местотото на ДПМНЕ, овој маневар немаше да биде толку лесен и ќе предизвикаше бурни улични реакции. Но, сега кога одговорноста за државата ја поседува ДПМНЕ, отстапувањата поминуваат многу мирно. Новиот политички тренд на давање и земање меѓу Македонците и Албанците продолжува. Повеќе никој не се интересира за квалитетот на меѓуетничките односи, туку за тоа колку министерски и директорски места ќе добие.
За да се задоволат барањата на коалицискот партнер, дури се примаа државни службеници Албанци што не одеа на работните места, туку едноставно, платата ја примаа дома. Тоа е во спротивност со логиката на Охридскиот договор, бидејќи тие се вработуваат за да им го олеснат животот на своите сограѓани, а не да седат дома. Чудно, можеби изумивме нова форма на социјална заштита. Полузадоволен од епилогот на изборите, Груевски ги присобра своите пикови во ризичната партија покер со Ахмети. Ги истроши сите асови, така што во следното делење само блефот ќе успее. Како и да е Груевски и Ахмети ни ја зготвија нашата летна манџа со многу зачин. Евидентно е дека не се умира од неа во лето, но дали се преживува во зима, ќе кажат гладните. Македонскиот мултиетнички лонец, и покрај пресолената запршка, засега функционира.
(Авторот е универзитетски професор)
|