Методија Фотев добитник на наградата „Дијалог“
Наградата „Дијалог“ за 2010 година ја доби писателот Методија Фотев за романот „Вивариум“. Признанието на добитникот на свечен начин ќе му биде врачено на 18 ноември во Центарот за култура и информации на Скопје. На книжевната средба за спецификите и вредностите на романот „Вивариум“ ќе зборуваат писателите Благоја Иванов и Веле Смилевски. Средбата ќе биде во знак на одбележување на педесетгодишната творечка дејност на Методија Фотев, еден од доајените на Друштвото на писателите на Македонија.
Одлуката за наградата „Дијалог“ едногласно ја донесе жирито во состав: Веле Смилевски, Лорета Георгиевска-Јаковлева и Благоја Иванов, кои во образложението, меѓу другото, се вели: „Својот значаен романсиерски опус писателот Методија Фотев го надополнува со книга есеизирана проза под еден мошне необичен и многузначен наслов ’Вивариум‘. Романот го сочинуваат пет дела од прозно-есеистички карактер во кои писателот на автентичен начин, со задлабочени и флексибилни промислувања, ги таложи своите богати животни и творечки искуства. Содржините на ’Вивариум‘ се на своевиден начин ’исцедени‘ од нанесите на животот, кој во вид на хроника е презентиран на широкото епско платно од досегашните романи на Фотев. За разлика од нив, она што беше доминантно како дејство и приказна, сега се' почесто е сублимен говор за егзистенцијалните животни состојби со пораки од универзален карактер“.
Награденото дело на Методија Фотев се појави во издание на Здружението за уметност и култура на живеење „Дијалог“ од Скопје. „Вивариум“ е петто романескно дело на овој автор кој со своите досегашни остварувања во овој жанр: „Потомците на Кат“, „Селани и војници“, „Големите скитачи“ и „Неплодна вода“ зазеде едно од челните места меѓу македонските романсиери. Фотев е добитник на врвни книжевни награди и признанија, меѓу кои државната награда „11 Октомври“, „Рациновото признание“ и „13 Ноември“. (Н.П.) |