Две нови книги од Гоце Ристовски
„Се' е гола вода, мој Ѓорѓија“ е роман-првенец од Гоце Ристовски, објавен во рамките на издавачката програма за оваа година на Министерството за култура.
Станува збор за прозно остварување во кое се истражува вечниот порив за движење низ времето. Се мешаат разни историски епохи, од античките времиња преку средновековието до современоста и во ист контекст се доведуваат различни настани и личности. Притоа, освен што се прави ново препрочитување на историјата, на современ начин се парафразираат митови и легенди од минатото и сцени од Библијата и се поставуваат во модерната доба како преповторување во нов временски круг. Во различни временски периоди на исти или блиски локации се случуваат љубовни приказни идентични по својата суштина.
Како што вели авторот Ристовски, книгата изобилува со вешто напишани љубовни сцени и заплети во кои времето како фактор - минато, сегашно или идно, го релативизира животот до тој степен што сонот и реалноста се едно исто и не е можна прецизна определба што е сон, а што јаве, со порака дека луѓето премногу сериозно му приоѓаат на светот и животот, а „се' е гола вода“.
Едновремено од печат излезе и неговата книга со новински приказни - колумни насловена „Ветер и магла“. Во збирката се поместени колумни објавени во дневни и неделни весници од 2008 до 2010 година. Ова е втора книга колумни од Ристовски по „Гола вода“ објавена во 2007 година. (Н.П.) |