„Девојчето што бере тутун“ номиниран за наградата „Јулијане Бартел“
Ова е втор филм на Билјана Гарванлиева што ја понесе номинацијата за наградата за медиуми за неконвенционален, храбар и критички пристап кон темите
Сунчица Уневска
Документарниот филм „Девојчето што бере тутун“ по втор пат и донесе номинација на режисерката Билјана Гарванлиева за германската награда за медиуми „Јулијане Бартел“, која и во 2007 година беше номинирана за филмот „Девојчето со хармоника“. Филмот што Гарванлиева го направи со финансиска поддршка од Германија, а кој раскажува македонска приказна за животот на јуруците во Источна Македонија, уште еднаш ја понесе номинацијата за оваа значајна награда вредна 12.000 евра, која ја доделува германското Министерство за социјална политика за храбар и критички пристап на авторот кон темата.
Освен тоа, „Јулијане Бартел“ е награда која има за цел да го поттикне различното и рамноправно прикажување на жените во медиумите. Во центарот на вниманието е, всушност, комплексниот свет на жените на денешницата, кој е близок до реалноста. Ова е дотолку поголема чест и успех за Гарванлиева, бидејќи овие номинации потврдуваат дека нејзините реални животни приказни успеваат да проговорат на многу повеќе нивоа. Како за интимните и животни приказни на нејзините протагонистки, така и за општествената и социјална состојба во нивната земја, но и многу пошироко, во еден глобален контекст фокусиран на местото на жената и нејзината судбина денес, која е неминовно поврзана и рефлектирана во и од нејзиното окружение.
Првиот филм „Девојчето со хармоника“ на Гарванлиева, меѓудругото, ја доби и најзначајната германска награда за краток филм „Златна Лола“, награда која во Германија се смета за еквивалент на „Оскар“. Сега, повторно Гарванлиева со својот втор филм поддржан од Германија, е во фокусот на вниманието со приказната за 14-годишната Мумине, која се обидува да излезе од тој затворен свет на јуруците во кој живее и во кој мора да ги следи востановените правила и традиции, кои од друга страна се и најголемото богатство на нејзиниот народ. Овој филм, како и претходниот, освоија повеќе награди и беа селектирани на многу фестивали, каде што македонската авторка имаше можност да проговори за многу прашања врзани со темите во нејзините филмови. Како своевидна круна доаѓа оваа номинација, особено поради нејзиното значење и темите на кои е посветена. Имено, оваа награда се доделува во чест на починатата германска новинарка Јулијане Бартел, која на темите од нашето време им пристапувала неконвенционално, храбро и критички, но секогаш со смисла за хумор.
Моментно Гарванлиева надвор од границите на Германија и на Македонија е повторно актуелна со новиот филм „Шивачки“, кој веќе и ја донесе главната награда „Срцето на Сараево“ на фестивалот одржан во август во Сараево. Овој филм, кој се осврнува на уште една социјална приказна во Македонија, за шивачките во Штип, но повторно многу пошироко, и на нивните лични, семејни и интимни приказни, е влезен во селекција на фестивалот во Јихлава, Чешка.
Инаку, наградата „Јулијане Бартел“ се доделува денеска на телевизијата НДР во Хановер, Германија. |