Број 3623  среда, 06 јули 2011
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Анализа
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска
Онлајн вести

Насловна








Site Meter
Култура

Витраж

И Гари Купер на „Полски плакат“

Катерина Богоева

Изложбата „Полски плакат“ поставена во „Мала станица“ со која Националната галерија на Македонија, а преку неа и земјава се приклучија кон празнувањето на почетокот од претседателствувањето на Полска со Советот на Европската унија, очекувано понуди добар избор на п��акати, создавани во различни периоди, од различни припадници на познатото и етаблирано „Училиште за полски плакат“. На неа може да се видат и 30-ина впечатливи графики, изработени во сите графички техники.

Претпоставуваме, изложбата ќе остане забележана во поновата историја и на Полска и на Македонија, не само поради фактот дека со неа ЕУ овој пат е посочена како заеднички именител на поврзување, туку дека на публиката во Скопје и' е понудено да ужива во начинот на кој полските плакати, прочуени по својот специфичен израз, пренесувале и денес пренесуваат различни пораки од времето на социјализмот и по него. А плакатите се и моќни визуелни предвесници.

Изложени се плакати од разни културни настани, од театарски претстави, од филмови, музички манифестации, изложби, плакати со туристички мотиви, работени во сите цртачки сликарски и графички техники. На духовит, циничен, саркастичен, поетски начин тие ја пренесуваат потребната информација, но и ги отвораат и ликовните и естетски видици на публиката.

Ова е и прилика да се види и познатиот плакат „Солидарност“ со легендарниот актер Гари Купер, поставен на десниот дел од првиот од трите изложбени простори. Гари Купер на него стои вооружен со превиткано гласачко ливче во десната рака на кое пишува „Wybory“ (избори), додека логото на познатото движење „Солидарност“ е прикачено на неговиот елек, над шерифската значка. Пораката на долниот дел од плакатот гласи „Точно напладне - 4 јуни 1989 година“. Наспроти него е актуелниот плакат за претседателствувањето на Полска со Советот на ЕУ, чиј дизајнер на логото Јанишевски е истиот оној што го создал и логото на „Солидарност“.

Историјата на полскиот плакат без разлика на неговата содржина е подолга од еден век, трае 120 години. Навраќањето на неа за многумина Полјаци претставува чин на гордост, а и амбасадорот на Полска во земјава, Карол Бахура, во оваа прилика потенцираше дека делата на „Училиштето за полски плакат“ постоеле за време на најважните датуми од полската историја. Полскиот плакат почнал уметнички да се воздигнува по Втората светска војна, но 1948 година се смета за значаен датум во која еден од основачите на „Училиштето за полски плакат“, Хенрик Томашевски, освоил пет главни награди на Биеналето на филмски плакат во Виена. Но, терминот „Училиште за полски плакат“ ќе почне да се употребува дури во 60-тите години на минатиот век, со цел да се истакнат сите уметници на полскиот плакат што стекнале меѓународно признание. Меѓу нив, публиката може да ги види плакатите на Маевски, Млодожениц, Лашка, Дужински, Кот, Боровцик, Старовијски, Сарнецки, Старовиц, Свирци, Фангор, Хибнер, Каларус.

Педесет години подоцна, во 1989 година, полскиот графички дизајнер Сарнецки, кој тогаш имал 22 години, ја преобразил полската варијанта на плакатот „Точно напладне“ со Гари Купер во изборен плакат на „Солидарност“.

„Изложените плакати кои скопската публика повторно има можност да ги види по повод овој значаен момент за Република Полска го претставуваат навистина сижето на една група предводници на полскиот плакат каде што доминира различниот пристап“, изјави Лазе Трипков, кој студираше и магистрираше на Факултетот за убави уметности во Варшава и чија специјализација е токму плакатот. Своите искуства досега тој ги вгради во координацијата и на првата презентација на полските плакати, а успешно ја продолжува и традицијата на презентација на плакатот како уметничка форма и преку здружението „Плакарт“ од Скопје, организатор на Меѓународниот студентски конкурс за плакат во партнерство со познатото Варшавско биенале.

Стартот на празнувањето на Република Полска со изложбата во „Мала станица“ и не е случајност. Тоа покажува дека воспоставените добри врски меѓу луѓето и државите се извор за креирање културни настани. Во чест на уметноста и политичкото здружување.


#
Статијата е прочитана 754 пати.

Испрати комен��ар

Од: Драгиша Здравковски
Датум: 06.07.2011 14:53:23
Плакатот Точно на пладне , со Гари Купер, е отпечатен во Париз и тајно со воз е донесен на 4 јуни 1989 г. на денот на првите повекепартиски избори, кога после две децении борба, Солидарност победи и Тадеуш Мазовјецки ја состави новата влада на Полска.Така започнаа промените во Источна Европа. Нарачателите и авторите на плакатот го знаеле големото негово Значење и моќ што ја има кај публиката да ги охрабри слободно да гласаат!

Најди! во Утрински
Култура
Комитите и калинките предизвик за македонистите
Не сакам да шетам наоколу преправен
Ресул Шабани го доби највисокото признание на фестивал во Корча
Канал 103 прогласи „Слободна зона“
Хор од Франција и театарска претстава на „Скопско лето“
Претстава од Тирана најдобра на „Албански театар во Македонија“

"""