Ристо Шишков остави антологиски улоги
Дваесет и пет години од смртта на актерот со раскошен талент, кој остана симбол и обележје на едно време
Сунчица Уневска
Денеска се навршуваат 25 години од смртта на еден од бардовите на македонското актерство, на една од најмаркантните појави на нашата филмска и театарска сцена, кој со својата глума одбележа цела една епоха. Ристо Шишков (1940-1986) е нашата голема гордост, но и вечна енигма, која на најдобар можен начин говори за силата и влијанието што може да го направи големиот уметник со своите антологиски ролји, но и за некои историски и општествени апсурди нераскинливо врзани за нашиот поранешен систем, за нашата земја и народот.
„Судбината на Ристо Шишков ги содржи сите нешта што се карактеристични и за животот на Македонецот. Во неговиот живот и уметничко творештво има исклучителни креации, има големи остварувања, има многу труд и работа, има искрен патриотизам и висок хероизам, но на моменти го има и антијунакот, има предавство, има синдром на самоуништување“, вели Гоце Ристовски во филмот „Духот на татко ми“ на Горан Тренчовски, посветен на големиот актер, на неговата судбина и на времето во кое тој твореше и живееше. Овој филм Тренчовски го подготвуваше и го прикажа лани, точно на 70-годишнината од раѓањето на Ристо Шишков, која, за жал, во Македонија никој, па ниту неговиот еснаф, не ја одбележа.
Но, ја одбележавме ние, давајќи му го сето она должно внимание и респект кое тој, како човек што остави силни траги во својата земја, кој направи пресврт на театарската сцена и остави вредно наследство за идните генерации го заслужува. Бидејќи, Ристо Шишков уште од времето на неговите студии и во текот на следните две децении остави таков белег на театарската и филмска сцена, кој ќе остане вечно во аналите, но и во срцата на сите негови современици и на оние што ќе ги гледаат, кога и да е.
Ристо Шишков е роден на 23 март 1940 во Мрсна, Егејска Македонија. Детството го поминал во Струмица, а студиите ги завршува на Академијата во Белград. На сцената на Југословенско драмско позориште настапува од 1961, уште додека студира, а како постојан член е примен во 1963 година. Но, судбината ќе сака да биде повикан во МНТ, каде што ќе има криза и потреба од кадар, а тој со целиот свој ентузијазам и љубов кон својата земја тоа и ќе го прифати, враќајќи се во Скопје во 1965 година. Набрзо ќе стане носител на репертоарот во МНТ, каде што до 1979 година ќе одигра многубројни исклучителни ролји, покажувајќи ја целата раскошност на својот талент и моќ да навлезе во такви комплексни ролји и од нив да создаде незаборавни креации.
„Со неговата појава на сцената како да проструи една нова крв, една нова свежина“, ќе напише тогаш театарскиот критичар Иван Ивановски. Тој ќе рече за Шишков дека е актер со неограничени можности и со широк дијапазон на изразни средства. Колегите, пак, го нарекуваа магионичар на сцената, кој умее да ја разгали душата на гледачите. Многу брзо и многу смело по неговото доаѓање во МНТ ќе понесе многубројни големи и сложени улоги. Играше Шишков како Креонт во „Антигона“, беше Протасов во „Децата на сонцето“, Луков во „Црнила“, Мендељ Крик во „Зајдисонце“, Ростањев во „Фома“, кардиналот Беламин во „Животот на Галилеј“, Леоне Глембај во „Господа Глембаеви, па во „Три сестри“, „Крал Лир“, „Јулие Цезар“, „Бесови“. Со „Кенгурски скок“ и со „Парите се отепувачка“ беа на тогашното Стериино позорје.
Големи улоги одигра Шишков и на филмот, покажувајќи дека за него нема никакви пречки кога се работи за актерството. Беше еден од оние големите, најголемите наши актери кого го нарекуваа „македонскиот Марлон Брандо“. За само 26 години професионална кариера, Ристо Шишков играл во 54 театарски претстави, во 11 филма, во пет телевизиски драми и три телевизиски серии. Незаборавни се и неговите филмски и телевизиски ролји како Парис во „Црно семе“, Осман-бег во „Македонска крвава свадба“, Стамат во „Планината на гневот“, како Питу Гули, Александар Турунџе, Гоце Делчев.
За него режисерот Бранко Ставрев, со кого Шишков работеше многу, ќе рече дека потпирајќи се на искуствата на Станиславски и на дијалектиката на Брехт, ќе развие автентичен систем на работа, во кој ќе успее да ја избрише линијата која го одделува ликот на авторот од личноста на актерот. „Влијанието што го изврши Шишков врз генерациите што доаѓаа по него е прилог кон вистината дека тој беше уметник кој направи онолку колку што треба за актерот да го заземе достоинственото место на творец“, изјавува Ставрев.
За жал, Ристо Шишков стана жртва на комунистичкиот систем при крајот на 1970-тите години, беше анатемисан и отфрлен. Тоа остави силна трага во неговата душа и целосна предаденост и посветеност на неговата работа, која за него беше над се'. „Што сум постигнал ако мојата мисла не ја префрлев во друго срце“, зборуваше Шишков. Тој не можеше да ја преживее неправдата и болката која му беше нанесена, но затоа тоа го стори неговата уметност.
Режисерот Горан Тренчовски во филмот „Духот на татко ми“ прави извонредна хронологија на сето она што му се случуваше на Шишков во стварниот живот, испреплетено и нераскинливо поврзано со хронологијата на неговата уметност. Бидејќи, како што порачува филмот, тој беше уметник од таков калибар, кој го живееше животот на сцената и надвор од неа еднакво силно, страсно, со целото свое срце и битие. Затоа и неговата уметност ја паметиме не само зашто ја збогати нашата уметничка сцена, не само затоа што успеа да ги придвижи работите и да втисне голем печат на сето она што во македонскиот театар и филм го работеше, туку и затоа што неговите дела, неговата темпераментна и енергична игра и неговата маестралност, секогаш можат да допрат до нашите срца. Затоа ќе го паметиме и ќе ги славиме годишнините, кои се само повод за уште еднаш да се потсетиме на онаа уметност за која нема граници. |