„Хамлет“ со најмногу награди на „Војдан Чернодрински“
Четири награди освои претставата „Хамлет“ на Драмски театар од Скопје, на штотуку завршениот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“, кој се одржува во Прилеп. Синоќа, фестивалот заврши со изведба на најновата продукција на Македонскиот народен театар, претставата „Ромео и Џулиета“ во режија на Лили Абаџиева од Бугарија.
„Хамлет“ ја освои наградата Гран-при, Дејан Лилиќ, кој го игра Хамлет, е прогласен за најдобар актер, Дејан Пројковски за најдобар режисер. Претставата освои и награда за рекламен материјал на Владо Ѓоревски-Рафик.
Инаку, наградата за најдобра женска улога ја освои актерката Јелена Жугиќ, за претставата „Геноцид 21“ во режија на Владлен Александров. Наградата за млад актер „Трајко Чоревски“ ја доби Никола Пројчевски за претставата „Обична приказна“. Амернис Нокшиќи ја освои наградата за најдобра женска епизодна улога за Сузана Делиција во претставата „Оркестар“ на Албанскиот театар од Скопје, додека кореографката Олга Панго, за истата претстава, ја доби наградата за најдобра кореографија. За најдобра машка епизодна улога е прогласен Владо Јовановски во „Бесови“ на МНТ, а во режија на Златко Славенски.
Наградата за најдобар композитор ја освои Марјан Неќак за претставите „Антица“ на Прилепски театар и за „Обична приказна“, за која, пак, Валентин Светозарев ја доби наградата за сценографија. Наградите ги додели жири-комисијата во состав: Лилјана Мазова, Веби Керими и Петар Мирчевски. |