Се изнаработив, летово ќе одморам
Ретроспектива Скулпторот Боро Митриќески говори за себе меѓу делата што ги создавал во изминатите 60 години
Катерина Богоева
„Моите скулптури се одвојуваат од се' што сум, видел“, рече академик Боро Митриќески деновиве во галеријата Даут-пашин амам, каде што е поставена неговата ретроспективна изложба со која заокружува 60 години творештво „ Ако сум се потврдил во некоја техника, тоа е дрвото. Мојата техника може само во дрво да се работи, во камен со секира не може да се оди“, зборуваше гласно и со насмевка, движејќи се низ изложените дела работени во дрво, камен, бронза. Низ портретите на значајни личности од уметничкиот и општествениот живот, на членовите на неговото семејство, низ изложените релјефи, минијатурите, но и меѓу големите скулптури до кои и застануваше за да го фотографираме.
Неговото присуство во галеријата, неговите укажувања за времето, за местата кога се создавале делата, за реакциите на портретираните, за реновирањето на галеријата во време кога тој бил нејзин директор (од 1979 до 1984 година, кога се ставало парно и осветлување), се моменти што со позитивен дух ја надополнија изложбата.
„Еве дојде време да се собира шеесет години создаваното творештво. И покрај тоа што не успеавме да донесеме некои дела, сметам дека изложеното сосема пристојно ме претставува“, рече тој.
Митриќески е од оние уметници кои додека зборуваат, ги допираат своите дела, како да сакаат повторно да им ја почувствуваат нивната енергија, но и да ви ја пренесат и вам. Од неговиот богат со скулптури свет се изложени, меѓу другите, и портретите во бронза на Славко Јаневски, на Матеја Матевски, од дрво на Родољуб Анастасов, на Танас Луловски, на Петар Мазев, но и на Ацо Цветковски, на Јован Чаловски, на Климе Коробар, на Властимир Николовски, на Блаже Конески и др.
„Работам дрво претежно со мала секира, тоа е мојата специјалност, а тоа многу се одвојува од општата скулптура. Ретко ќе најдете ваква технологија на работа. Во вистинската уметност човек треба да го чувствува портретот за да може да го пренесе човековиот, не само физички изглед, туку и неговата психологија. Човековата внатрешност треба да се пренесе во портретот, а најчесто тоа не може да го даде ниту фотографијата“, му пријде на портретот на Танас Луловски.
„Луловски и како лик беше интересен. Дојде кај мене во ателјето во Сарај. Се противеше, не сакаше да му правам портрет, но, сепак, прифати. А Петар Мазев, тој во Сарај ми беше комшија“, открива. На ваков начин, сосема кратко со носталгија во гласот ги опишуваше моментите на создавањето впечатливо добро изведените портрети што на прв поглед привлекуваат внимание.
Импресивна е и малата пластика во бел мермер, со претстави на жени. Скулпторот внимателно зеде дел и покажа дека во нив, иако мали, има и портрети. „Јас ја познавам и таа префинета техника на работа во камен. Каменот сака почиста техника на работа од дрвото. Тој мора да биде совршено здрав и чист кога се работи. А бронзата, пак, е за послободна моделација“.
На прашањето колку околу обработката на каменот му помогнал фактот што е роден во Прилеп, академикот се насмеа симпатично и гласно. „Се чувствувам повеќе варошанец. Тоа морам да го кажам, бидејќи многу пати кога одевме низ градот, прилепчани ни велеа нашега: ’Ајде вие селаните‘, а јас им враќав: ’Вие сте прилепени кон варошката цивилизација‘. И еве зошто. Варош има 7 цркви, а Прилеп го нема тоа, а тоа што е во градот далеку подоцна е правено по градбите во Варош. Во црквата ’Свети Никола‘ во Варош имаме фрески од 13 век. Се знае каде била цивилизацијата. Постои и претпоставка дека Самоил кога се враќал во Прилеп, по битката на Беласица, престојувал во Варош. Затоа и си го ценам Варош“.
Скулпторот нагласи дека многу од неговите дела се наоѓаат во приватни збирки, но дека тој „поседува таква нота на израз по која веднаш го препознаваат оние што го знаат“.
Меѓу изложените скулптури, посебно се издвоени оние на дел од членовите на неговото потесно семејство, на неговите внуки со кои се гордее, на сопругата.
„Сум изложувал на многу места. И на Биеналето во Александрија, во Белград, но многу од моите дела се растурени низ светот. Во Канада ми исчезнаа пет-шест скулптури, кои ги оставив во една галерија, која по неколку дена ја најдов затворена“.
Митриќески е роден во 1927 година, основно образование завршил во Прилеп, а Уметничка школа во Скопје во 1948/49 година, каде што знаењата за скулптурата му ги пренесува скулпторот проф. Димо Тодоровски. Студирал на Академијата за ликовна уметност во Загреб каде што и дипломирал во 1954 година, во класата на скулпторот Вања Радуш. По враќањето во Скопје, извесен период работел како ликовен педагог во ОУ „Даме Груев“, а потоа како слободен уметник. Изложувал со членовите на ДЛУМ и со групата „Мугри“. Особено е горд на еден од многуте свои споменици, на споменикот на „Св. Кирил и Методиј“ поставен во дворот на Универзитет во Скопје, но и на женскиот акт во дрво изложен во Даут-пашин амам, кој Никола Мартиноски му го побарал на изложба.
На изложбата фасцинираат нежните линии на многуте скулптури од кои зрачи интимност и нежност, а остануваат за паметење и скулптурите на птици во голема и мала димензиј�� .„Животот доста ме инспирирал, а птиците ми се стара инспирација“. Најтешка дисциплина во скулптурата за него е изработката на коњаник, а во оваа прилика и застана да го фотографираме до еден од неговите коњаници во дрво.
Од 1997 година Боро Митриќески е редовен член во МАНУ. Во неговата професионална кариера се забележани и студиски патувања во Франција, Англија, Грција, Русија, Египет, Шпанија, Германија, Австрија, Њујорк, Канада, Полска, Шведска. Задоволство му е што негови дела има и во Националната галерија и во МСУ, но и во приватни збирки. „Многу сум изложувал и во странство. Ми купија скулптура во Англија, во Кувајт, во Шведска, во Норвешка, во Братфорт, во САД, во Ерусалим има мои дела “, набројуваше, потенцирајќи и при ова заокружување на 60 години творештво дека, пред се', сака да твори за себе. „Тоа што за себе го творам ми е најдобро. На тој начин можам да дадам и најмногу чувства. Имам многу, стотици творби, навистина се изнаработив. Летово сакам да правам пауза и да се одморам“. |