Унковски: Сакав да направам своевиден ламент над Србија
Претставата „Смртта не е велосипед“ на Билјана Србљановиќ, а во режија на Слободан Унковски (лево) вечерва премиерно во Југословенско драмско позориште
Новата драма на една од најзначајните драмски авторки од Србија, Билјана Србљановиќ, насловена „Смртта не е велосипед (па да ти го украдат)“, која ја режира Слободан Унковски, вечерва ќе ја доживее својата премиера на сцената „Љуба Тадиќ“ во Југословенско драмско позориште. До крајот на сезоната, претставата ќе биде одиграна уште само три пати, на 18, 21 и на 23 јуни.
Драмата „Смртта не е велосипед“ ги претставува ликовите кои веќе се препознатливи во делата на Србљановиќ, тоа се изопачени и презаситени деца, недораснати сред��вечни слабаци, нивните врсници заробени во магичните кругови на своите неостварени бракови, старци кои за себе ја грабаат иднината која нема да ја дочекаат и нивните деца, самобендисани, амбициозни политичари, мајки и татковци кои се подготвени и во својата куќа да одат по лешеви. Како што ќе изјави Србљановиќ, оваа драма зборува за генерацијата на нејзиниот татко, „генерацијата Валтер во Сараево, за оваа моја загубена генерација и оние следните кои го продолжуваат тој циклус на семејни судири, опсесии, големи љубови и бес“.
„Прашањата се секогаш исти. Што е тоа што не' судира вечно во генерациите меѓу родителите и децата, како растењето е болно и некогаш трае до зрела старост, и како смртта донесува, освен логична тага, и некоја чудна смиреност“, ќе каже Србљановиќ за премиерата на претставата. Вели дека за неа овој текст, пред се', е смешен, иако смета дека исклучителните актери наоѓаат некој вистински тон помеѓу тагата и комиката на животот и смртта.
Во претставата играат Анита Манчиќ, Воислав Брајовиќ, Бранислав Лечиќ, Светлана Бојковиќ... Сценографијата е на Валентин Светозарев, костимите на Маја Мирковиќ, а музиката на Ирена Поповиќ.
Истакнатиот македонски режисер Слободан Унковски ќе каже дека сакал да направи своевиден ламент над Србија и да види што би можело да биде овде да беше така како што требаше да биде, што се пропуштени шанси, зошто состојбата на духот е таква каква што е.
„Уметноста, се разбира, нема одговори. Не знам што би требало да знам за да би кажал зошто е, но можам да видам како е. И тоа како е би сакал да го покажам, да се види, да свртам внимание“, ќе каже Унковски за српските медиуми.
„Смртта не е велосипед (па да ти го украдат)“ е четврт текст на Србљановиќ во Југословенско драмско, по наградуваните нејзини претстави „Белградска трилогија“, „Супермаркет“, „Барбело, за кучињата и децата“ и „Скакулци“, кои во меѓувреме добија нови верзии на сцените низ бивша ЈУ. Инаку, Билјана Србљановиќ (1970), која е и остра критичарка на политичката и општествената стварност, последниве неколку години живее во Франција. Нејзини драми се преведени на сите светски јазици. Добитничка е на низа значајни награди. |