„Античкиот град на Исар-Марвинци“ прва електронска археолошка книга
Авторката, археолог Викторија Соколовска, тврди дека на локалитетот се наоѓал античкиот град Добер, а не Идомене
Првото електронско археолошко издание во Македонија, научниот труд „Античкиот град на Исар-Марвинци, Валандово“, на дипломираниот археолог Викторија Соколова што веб-порталот „Порта археологика“, го издаде заедно со фондацијата „Метаморфозис“, претставува културно-историски осврт, резултат од реализираниот научен проект за долината на Вардар во првиот милениум пред наша ера.
Викторија Соколовска археолошките истражувања, во кои посебно место има локалитетот Исар-Марвинци ги водела од 1976 до 1996 година. Едно од централните места во книгата е тврдењето дека на Исар-Марвинци се наоѓал античкиот град Добер, а не Идомене, како што досега се претпоставуваше. Таа ги содржи научните сознанија стекнувани од 1976 година, која Соколовска ја смета за пресвртна година за археолошките истражувања по долината на Вардар, се' до последните истражувања што ја дополнуваат сликата за археолошката населба.
„Ископувањата кои сега се одвиваат, вели таа во воведот на книгата, ја збогатуваат претставата за содржината на живеењето и осветлуваат поедини моменти кои се однесуваат на развитокот на населбата од нејзините зачетоци и појавата како цивилизациска агломерација, нејзиниот натамошен развиток, како и настаните кои се случувале во градовите во Повардарјето во текот на I милениум пред нашата ера, што оставиле видни траги за своето постоење“.
Викторија Соколовска е родена во Сјеница, Србија. Дипломирала на Филозофскиот факултет - група археологија во Белград, а по студиите се вработила во Археолошкиот музеј на Македонија во Скопје. Освен огромниот музејски ангажман, врши и теренски археолошки истражувања на територијата на Македонија.
Книгата може да се преземе од веб-страницата на „Криејтив комонс“, а наскоро ќе добие и англиска верзија. (К.Б.) |