Број 3609  понеделник, 20 јуни 2011
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска
Онлајн вести








Site Meter
Култура

Фреквенција звучна

Сонот што се остварува е подобар од сонот што се негува

Тина Иванова

На предлог на една од политичките партии во Србија, во Белград платото пред Домот на младите од деновиве го носи името Милан Младеновиќ. За широката македонска читачка публика можеби е непознато, особено зашто не станува збор ниту за некој политичар, на пример. Туку, за еден многу значаен и особено популарен лик не само на белградскиот, српскиот, ами воопшто на поранешниот југословенскиот простор.

Граѓанската чест постхумно, и тоа по цели седумнаесет години, му е укажана на рок иконата Милан Младеновиќ (1958-1994). На вокалистот, гитаристот и фронтменот на најдобрата југословенска група на сите времиња, „Екатерина Велика“, Белград му оддаде посебна почит. Во градот каде што ги остави своите исклучителни дела, овој проповедник, гласноговорник на една генерација која растеше во 80-те и 90-те години и на кои силно им влијаеја неговите погледи на животот преточени низ стихови, Милан доби плато, а главниот град на соседна Србија, уште еден идентитетски белег. Просторот пред влезот на Домот на младите е сега вечниот спомен на белграѓани за својот сограѓанин. Советниците на Собранието на градот Белград одлуката за ова ја изгласаа на 14 јуни. Практично беше тоа формално-правна верификација на огромен број белграѓани, меѓу нив многу познати јавни личности од културата, политиката, со посредство на социјалната мрежа „Фејсбук“, кои катадневно тоа го бараа од градските власти. Одлуката е, платото пред ДОБ да го добие името на Милан Младеновиќ кој почина од рак на 5 ноември во 1994 година. Овој човек остави силна трага во историјата на просторите на бивша ЈУ и несомнено го задолжи градот со своите брилијантни остварувања кои и денес не следат во некои уметнички содржини. Сега, градот му возвраќа на свој начин. Платото пред ДОБ нема функција на плоштад, но има значење за белграѓани како место на кое се собира прогресивната младина. Таа се потпиша за името на нејзиниот гуру да стои засекогаш забележано, да остане во незаборав.

Повеќе години кај белградската јавност, кај фановите на „ЕКВ“ и на Младеновиќ, тлееше желбата да ја овековечат оваа култна личност. Го сторија тоа дури деновиве и пратија широка политичка, и особено општествена порака за својот идол, овековечувајќи го неговото дело во центарот на Белград.

Како е кај нас 350, 400 километри појужно. Па така некако - 350, 400 километри потажно. Овде полицијата го затвора „Фејсбук“ кога треба да се вознесе една вистина. Букефал се возвишува над Скопје, шмизли талкаат по скопските пешачки зони, „диви градби“ го затскрија Камениот мост - симболот на Скопје. Споменици на знајни и помалку знајни јунаци го хаотизираа главното скопски плато - плоштадот „Македонија“. Ова се реакциите на македонските „Фејсбук“ фанови кои патем, даваат силна поддршка на потегот на белграѓани и го отвораат прашањето, се има ли и кај нас исто такво чувство. Го поседува ли ова наше македонско поднебје тој емотивно културолошки сентимент и ние, по примерот на другите, наместо безимени коњаници и воини, наместо политичко уредување на просторот, наместо кабинетско планирање на историјата, да втемелиме малку повеќе култура меѓу нас. Да го правиме тоа онака како што сега белграѓани го направија за својот Милан Младеновиќ.

„Не сум изгубил се', нешто и добив, не прокоцкав се', нешто и остана. Некој не' набљудува, некој постојано не гледа...“. Ова се дел од стиховите на песната „Неко нас посматра“ која култните „Екатерина Велика“ ја создадоа во 1993 година (всушност, тоа беше нивниот последен албум) и тие можат слободно да се пресликаат кај нас, сега и овде. Денес за среќа ја нема воената криза која ја зафати Југославија на почетокот на 90-тите години, за што говори и дел од поетиката на ЕКВ, но ја има духовната криза, која и тоа како силно се чувствува во последниве години, а која наместо да го намалува, таа го засилува својот интензитет. Да гледаме оптимистички, ќе кажеме дека не изгубивме се', можеби, и нешто добивме, но сигурно дека некој скаменет лик, отсега па натаму, ќе не набљудува и постојано ќе не гледа. Особено ако застанеме на која било од плочките на широкиот скопски плоштад.

Да се вратиме на Милан кој во една пригода изјави: „Мојата прва и најголема желба би била да се разбудам и да заклучам дека е 1990 година, а потоа да кажам: Ух, сонував нешто грдо!“ Македонските партии никогаш не се произнеле со предлог сличен на оној на Либерално демократите во Белград, чиј лидер изјави дека работата на политичките партии е и да отвораат простор за нови иницијативи. Затоа, ако мојата и вашата генерација го утнавме времето, ако им оставивме политичката бирократија и на бизнис олигархијата да ни ги моделираат и животот и просторот, ајде да им кажеме не. Да застанеме зад оваа нова македонска генерација која не буди сите од нашата транцизиска хибернација и од партиските хипнози. Зад младите луѓе кои не трезнат дека сонот што се остварува е, сепак, подобар од сонот што се негува.


#
Статијата е прочитана 539 пати.

Испрати коментар

Од: papi
Датум: 20.06.2011 20:19:11
EKATARINA VELIKA e imeto na najgolemata yu grupa

Најди! во Утрински
Култура
„Панкот не е мртов“ ќе се бори за 10 илјади долари
Џон Малкович со модно шоу во Карлови Вари
Билјана Гарванлиева - предавач на Доку корнер во Сараево
Концерт на етносоставот „Езерки“ и оркестарот „7/8“
„Античкиот град на Исар-Марвинци“ прва електронска археолошка книга

"""