Билјана Гарванлиева - предавач на Доку корнер во Сараево
Нашата режисерка ќе биде меѓу врвните стручни лица од Европа што ќе работат со регионалните автори на документарци
Mакедонската сценаристка и режисерка Билјана Гарванлиева е поканета како еден од врвните европски стручњаци во областа на документарниот филм да биде дел од специјализираната работилница на годинешниот Сараевски филмски фестивал насловена Docu Rough Cut Boutique. Како што ни објасни Гарванлиева, станува збор за фазата на груба монтажа на филмот, која е исклучително значајна, бидејќи тогаш се утврдува драмската структура на делото. Во нашата земја тоа не е вообичаено, но Гарванлиева објаснува дека во Германија тоа е нормален процес на работа, да има контролори во таа фаза на развој на вашиот проект кои играат важна улога. Во нејзините филмови контролори секогаш биле, од една страна, креативните продуценти на германската продуцентска куќа, а од друга страна, уредникот на телевизијата, кои стојат зад филмот.
Сараевскиот фестивал годинава ќе се одржи од 22 до 30 јули, а Гарванлиева која лани го освои „Срцето на Сараево“ со својот документарец „Шивачките“, ќе учествува во многу значајниот „Доку корнер“ кој е официјален дел од натпреварувачкиот Програм на документарен филм. Тој годинава им нуди единствена прилика на творците на документарни филмови од регионот, да работат со неколку европски стручњаци во развојот на нивниот проект. Во соработка со Балканскиот документаристички центар оваа работилница ќе покани филмски автори на пет перспективни проекти што се во фаза на груба монтажа, кои во текот на 6 интензивни сесии од 25 до 28 јули ќе работат заеднички со стручните лица од областа на документарниот филм.
Покрај Билјана Гарванлиева како режисер од Македонија и од Германија, меѓу стручњаците се и: Кетрин Бринкман, главен уредник на ZDF/Арте од Германија, Џон Апел, режисер од Холандија, Стефано Строчи, режисер и продуцент од Италија и Луцијано Барисоне, директор на фестивалот Visions du Reel во Нион. Модератори ќе бидат Рада Шешиќ, селектор од Хрватска и Холандија и Мартичка Божилова, продуцент и директор на Балканската документаристичка мрежа од Бугарија. Најдобриот проект ќе биде поканет да се претстави во рамките на селекцијата на Сараевскиот фонд за развој „Синелинк“ и ќе добие шанса да се натпреварува за награда од 80 илјади евра. (С.У.)
|