Се испитува терен за концесионер
Градските власти од вчера ги анимираат фирмите што евентуално би го изградиле новиот луна-парк. Објавија барање за изразување интерес на релевантни компании и конзорциуми за избор на концесионер за проектирање, изградба, работење и финансирање на нов забавен парк во Скопје.
Избраниот концесионер ќе има обврска да го финансира, проектира и да го изгради луна-паркот на местото на постојниот, со можност за негово проширување до 40.000 квадратни метри. Истовремено, на концесионерот ќе му биде доверено и управување, работење и одржување на забавниот парк за време на концесискиот период.
Од Градот информираат дека најдоцна до 24 февруари очекуваат да ги добијат писмата за изразување интерес за учество во тендерската постапка за избор на концесионер на новиот луна-парк.
Надлежните објаснуваат дека анимацијата, практично, е втора фаза од активностите за изградба на новиот забавен парк, откако неодамна се изработи соодветна студија. Следниот чекор ќе биде распишување тендер за концесионер што ќе ги има обврските во согласност со пакет-информациите за проектот, со кои Градот ги анимира заинтересираните субјекти. (Дс.Т.)
|