Сега не вредат солзите за Победа
Казната за прилепчани е драконска, но малкумина се прашуваат зошто дојде до неа
Сашко Ѓ. Димовски
Прилеп ги преживува најтешките моменти во својата фудбалска историја. Со драконската казна на Светската фудбалска асоцијација (ФИФА), за осумгодишна суспензија на Победа од сите првенства во домашната сцена, која експресно мораше да ја имплементира Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), е откинато срцето на градот под Маркови кули. Суспензијата за еден од најстарите клубови во државата, клуб со 90-годишна традиција, практично, значи и негово бришење од македонската фудбалска карта. Прилепчани, секако, се најпогодени од суспензијата, го загубија своето милениче, но загриженост треба и мора да постои кај сите инволивирани во фудбалот, од причина што порано или подоцна, последиците од ударот ќе се одразат и врз македонскиот фудбал воопшто.
Затоа моментално е апсолутно неприфатливо бегање од вистината, толкување на формата, а не на суштината. А, таа вели дека Првата македонска фудбалска лига сезонава остана без три прволигаши, кои во своите витрини имаат шест шампионски трофеи. Толкувањето на Статутот на ФФМ дека за регуларна лига и за регуларно првенство се потребни минимум шест клуба, е таа превртена пирамида во резонот на фудбалските работници, кои од дрвјата не ја гледаат шумата.
Токму поради тоа повикувањето на светски заговор против македонскиот фудбал и наводната улога на кодошите е апсолутно депласирано и контрапродуктивно. Факт е дека македонскиот фудбал е во црна дупка што немилосрдно ги цица и здравите ресурси, кои се обидуваат да променат нешто. Поплаките и пцостите на адресата на УЕФА, како наводен гробар на макфудбалот, само ќе ја продолжи агонијата во која се задушува македонската „бубамара“.
„Затекнати сме од одлуката на ФИФА. Се помиривме со казната за Европа, но ни крај памет не очекувавме дека ќе бидеме казнети и за натпреварување во домашните првенства. Ова личи на онаа народната - не можеш по магарето, удри по самарот. Многу тешка одлука. Два дена не можам да спијам, не можам да опишам колку ми е тешко и не само мене туку на секој искрен љубител на фудбалот во Прилеп. Не е сеедно. Победа е стар клуб, со традиција од девет децении. Јасна ми е целата позадина. Тие не дојдоа тука да истражуваат, некој оттука отиде кај нив“, ни изјави Марјан Гулески, в.д. претседател на Победа.
На сите им е јасно дека УЕФА и ФИФА мора да почнат од некаде во борбата против организираниот криминал и лажирањето на фудбалските натпревари. Прашањето зошто почнаа токму од Македонија е за друга опсервација, меѓутоа, сепак, е присутно меѓу луѓето, како што е присутна и одлуката на ФИФА, која ФФМ, како нејзина членка, мора да ја почитува и да ја спроведе.
Меѓу фудбалските работници постои огорченост за судбината што го снајде двократниот македонски фудбалски првак, како што постои хомогеност дека лажирањето на мечевите мора да се искорени, а тие што се обиделе или направиле такво дело да бидат казнети. Но, постои и мислење дека ненавремено и несоодветно е завршена домашната задача.
Еден од поддржувачите на таквата теза е пензионираниот спортски новинар и коментатор со долгогодишно искуство во спортот, Атанас Костовски.
„Лошо одработена домашна задача. Фудбалската федерација на Македонија требаше соодветно да ре��гира уште кога се донесе одлуката во ФИФА или кога се потврди во Лозана кај Судот на Арбитража во спортот, а не да остави да стигне налог од ФИФА. Казните од повисоките инстанци мора да се почитуваат и за очекување е дека ќе се одразат и во базата. Затоа велам дека ФФМ требаше навремено да реагира и во тој случај, мислам дека Победа ќе избегнеше толку остра санкција“, вели Костовски, за кого одлуката на ФИФА е страшно ригорозна.
„На Победа и' е одземено правото на постоење. Тоа е како човек да добие доживотна казна затвор. Ова е уште еден доказ дека силата е кај посилните, а борбата за превласт во ФФМ, попатните активности и лични интереси на поединци му кумуваа на целиот процес. Според мене, ако дојдеше до смена на фудбалската власт во Македонија, немаше да дојде до ова. Вака, домашни работници ја завршија работата за УЕФА. Во секој случај е лошо“, дополни Костовски.
Слично размислува и неговиот колега Зоран Михајлов.
„Нон-сенс. Вакво нешто не бев чул досега. Ова, веројатно, е единствен ваков случај во светот. Огорчен сум од одлуката на ФИФА. Според мене казната е неиздржана. Се прашувам кои се аргументите со кои ја казнија Победа, се прашувам дали постои материјален доказ, дали некој го слушнал Александар Забрчанец како го договара исходот од мечот со неговиот колега од Пјуник, дали некој поседува снимен разговор или санкциите за Победа се донесени само врз база на изјави дека натпреварот е наместен. Да се разбереме и јас сум против местење, но не сум за казнување со слаби аргументи. Казната за Победа е надвор од здрав човечки разум“, коментира Михајлов кој во ситуацијата гледа и друга димензија.
„Преку случајот на Победа може да се добие и слика за рејтингот на државата надвор од нејзините граници. Можеби треба заеднички да се реагира и преку Македонскиот олимписки комитет и Агенција за млади и спорт да се побара дебело образложение за ваквата одлука против Победа“, додава Михајлов.
За отсуството на ѓорчепетровци и чаирчани од Првата лига, Михајлов, со мислење.
„Отсуството на Македонија Ѓорче Петров и Слога Југомагнат е последица на домашни превирања во мак-фудбалот. Секој ја мерка фудбалската власт со единствена амбиција да биде газда на тие два или три милиони евра што годишно доаѓаат од УЕФА. Не ми е јасно зошто не се прави тензија за претседателската функција во боречката федерација или во пливачката кога некои луѓе се декларираат како големи љубители на спортот“, заврши Михајлов.
И Костовски и Михајлов, како и сите ние, се „за“ борба против организираниот криминал во фудбалот и лажирање на натпреварите, но и Костовски и Михајлов се „за“ дека расчистувањето на валканите работи во нашиот двор треба да се одвива со сопствени сили и средства. Поради презафатеност претседателот на ФФМ, Харалампие Хаџи-Ристески, беше недостапен во текот на вчерашниот ден. |