Болните се жалат дека се излажани за поевтините лекови
Пациентите реагираат дека Фондот им диктира да се лекуваат со најевтината и застарена терапија
Јасмина Јовановска
Новата месечна пратка на лекови им создаде големи главоболки на болните. Од една страна, мора да чекаат редици по аптеките поради намалените квоти, па лековите брзо ќе се потрошат и можат да останат без месечната терапија. Од друга, болните реагираат дека Фондот им диктира да се лекуваат со најевтината и застарена терапија, а не со онаа што им ја препорачал лекарот. „Од лековите без доплата ни се нудат најевтините, а ако сакаме да се лекуваме со лекот што сме го користеле досега, треба да доплатиме“, е најчестиот коментар на болните. Тие се револтирани на Фондот, бидејќи, како што велат, се излажани дека со поевтинувањето ќе добијат лекови без доплата.
„Какви поевтини лекови кога мора да доплаќаме најмалку по 300 денари“, реагираат болните. Пензионерот Н.Ј. од Скопје, кој е долгогодишен астматичар, се жали дека не знае како ќе го набавува спрејот за неговата болест без кој не може нормално да дише. „Пред поевтинувањето на лековите плаќав 160 денари за лекот. Сега аптекарката ми вели дека треба да платам 160 денари плус 420 денари доплата за да го земам спрејот ’фликсотиде‘ на рецепт“, објаснува 73-годишниот пензионер.
Друга пензионерка, пак, се пофали дека за лекот за притисок, место 20 денари партиципација, не платила ништо. „За ’енап‘ платив околу 90 денари помалку од порано. Но, затоа тие пари, па и повеќе, ми ги зедоа за ’сулфосалазин‘ за ревматизмот за кој морав да платам 300 денари, што е за 210 денари повеќе отколку претходно“, објаснува З.С., 60-годишна пензионерка од Скопје.
Слично реагираат и други пациенти. Така, на една пациентка, која за срцева болест со години се лекувала со лекот за срце „конкор“, во аптеката и' рекле дека без доплата може да го добие само „бипресо“, а за секој друг лек ќе мора да доплати. Така, место 50 денари доплата, сега мора да плати 100 денари, но проблемот е што и со таква доплата, лекот го нема. Друг пациент, пак, вели дека за намалување на мастите во крвта за лекот што му го препишал лекарот и го користи со години, му рекле дека треба да доплати околу 1.000 денари, иако претходно го земал само со минимална партиципација.
И во аптеките ни потврдија дека со новите референтни цени на лековите, од една група лекови на пациентите може да им понудат најмалку по еден лек без доплата. Нивниот впечаток е дека цените се намалени кај лековите кај кои доплатите и претходно не биле големи, односно биле околу 100 денари, но затоа голем број од лековите што имале само партиципација, сега имаат големи доплати што не можат да си дозволат пациентите, особено пензионерите.
Во аптеките и вчера не беа стасани сите лекови од позитивната листа. Недостасуваа и лековите за кои производителите се' уште ја немаат намалено единствената цена, односно цената по која ќе се увезува лекот во државата. Пациентите, освен што се жалеа на високите доплати за лековите, беа револтирани и поради тоа што лекот можат да го подигнат само до 14 часот попладне. Ова оттаму што лековите се' уште може да ги издаваат само фармацевтите со лиценца, а законската измена со која до 2017 година се продолжува рокот за фармацевтските техничари да издаваат лекови, се' уште не е визирана во Собранието. Дополнителен проблем, велат пациентите, е што рецепти за нивните лекови не можат да добијат ако немаат најново конзилијарно мислење за препишаната терапија, потпишано од најмалку двајца субспецијалисти од клиниките.
Од Фондот за здравствено осигурување велат дека не ги излажале пациентите и признаа дека има лекови со поголема доплата од претходно. Но, за раководителот на фармацевтскиот сектор при ФЗО, Кристина Христова, тие се во помал процент од оние што се нудат без минимална доплата или со минимална доплата, а кои се 209 генерики. „Новите референтни цени се на таков начин дефинирани што од секоја генерика да има најмалку по еден лек без доплата“, вели Христова и додава дека целта била да има што повеќе лекови без доплата и тоа, пред се', основната терапија.
За сите овие проблеми со кои се соочуваат пациентите, вчера состанок со директорката на Фондот за здравствено осигурување, Маја Парнарџиева Змејкова, имаше коалицијата на десетина здруженија на пациенти. Од коалицијата прашале кој ќе биде одговорен доколку некој пациент настрада поради тоа што не може да си го обезбеди лекот поради високата доплата или ако го нема во аптеката. Од Фондот им рекле дека тоа не може да се случи зашто од секоја генерика има по еден лек без доплата. Од Фондот уште добиле ветување дека снабденоста на аптеките со лекови ќе се среди за десетина дена и тогаш уште еднаш ќе се сретнат за да го сумираат резултатите, при што им било потенцирано дека износот на парите за лекови што се издаваат во аптеките не е променет во однос на лани. |