Партиска биографија за членство во управен одбор
Aктивноста во ВМРО-ДПМНЕ е главна квалификација на предложените кандидати
Деспина Трајковска
„Член на ВМРО-ДПМНЕ“, „учесник на сите конвенции на нашата партија ВМРО-ДПМНЕ“, „член на Иницијативниот одбор на Унија на ветерани на ВМРО-ДПМНЕ“...Со ваква биографија наместо конкретни квалификации за стручноста на предложените кандидати, градоначалникот Коце Трајановски планира да пополни пет испразнети места во управните и во надзорните одбори во неколку училишта, културни институции и јавни претпријатија.
Токму ставениот акцент на партиските активности, а не на компетентноста на кандидатите е причина советничката група на СДСМ во Советот на Град Скопје да го обвини градоначалникот дека врши партизација и во институциите што се под градска капа, па така, наместо квалификувани лица, со нив раководат партиски војници.
„Ова е скандал од најголем вид. На предложените личности изгледа никој не им кажал дека училиштата, Универзална сала, Музејот не се партиски штаб на ДПМНЕ. Во управните и во надзорните одбори седнуваат партиски војници, анонимуси, како благодарница од партијата за одработени партиски задачи, а не за доброто на нашите деца“, смета Софија Куновска, координаторка на СДСМ во градскиот Совет.
Според неа, ваквиот начин на распределба на местата во управните и во надзорните одбори е деградација на Советот, а во исто време и гол факт за партиската превласт, која Трајановски сака да ја наметне во градските институции.
Сепак, вчера советниците не ги разгледуваа предлозите на градоначалникот, бидејќи тој, како нивни предлагач, побара тие да се повлечат од дневниот ред.
„Точките се повлечени, бидејќи во предлозите се констатирани технички недостатоци во биографиите. Се оградуваме од ваквите биографии и затоа бараме информациите да бидат надополнети“, изјави Сашо Стефаноски, координатор на ВМРО-ДПМНЕ во Советот, кој сепак, не се согласува со обвинувањата на опозицијата. |