Хуманитарни пакети за 120 семејства во Карпош
Општина Карпош обезбеди 120 пакети со храна како помош за социјално загрозените семејства. Градоначалникот Стевчо Јакимовски вчера лично им ја врачи помошта на 40 социјалци. Пакетите содржат производи што ги донираа жители на општината за своите сограѓани во рамките на акцијата „Да бидеме хумани за нашите сограѓани“.
„Локалната самоуправа не добива средства од Владата за социјално загрозените семејства, но, сепак, одлучивме да издвојуваме околу три милиони денари за нивна поддршка. Само годинава досега сме поддржале 165 семејства што имале посериозни финансиски проблеми. Им помагаме и на луѓе со здравствени проблеми, а еден од начините за помош е преку хуманитарни акции каква што беше и оваа што ја реализиравме во сите 14 поголеми маркети низ општината“, рече Јакимовски, додавајќи дека е пријатно изненаден од хуманоста, солидарноста и чувството на заедништво на граѓаните од Карпош. (Сн.К.) |