Опозицијата обвинува за цензура во Собранието
На Меѓународниот ден на демократијата опозицијата вчера ја обвини владејачката ВМРО-ДПМНЕ дека сака да воведе цензура во пласирањето на информациите. Повод за ваквите обвинувања е новата систематизација во парламентот, со која Секторот за информирање се предлага да премине под целосна ингеренција на претседателот на Собранието, Трајко Велјановски.
Спикерот вчера, пак, на манифестацијата „Отворен парламент“ ги избегна новинарите. Од ВМРО-ДПМНЕ ги отфрлаат критиките упатени на нивна сметка и тврдат дека нема да се случи ништо спектакуларно со преминувањето на Службата за информирање во Кабинетот на шефот на парламентот. Власта и опозицијата вчера не можеа да најдат заеднички јазик за новата систематизација, според која во Собранието треба да се вработат четириесетина нови службеници.
„Во духот на експресното носење закони на ’брза лента’, добивме и експресна систематизација на работните места во Собранието, за која нема финансиска конструкција. Се укинува Секторот за информирање, таков сектор нема да постои, туку одреден број извршители ќе има во Секторот на Кабинетот на претседателот на парламентот. Значи, ќе биде под контрола на претседателот на Собранието, не дај боже да не протече некоја информација која нема да биде цензурирана. На овој начин се замолчуваат пратениците од опозицијата и се' се сведува на платените реклами на Владата“, смета пратеничката од ЛДП, Роза Топузова-Каревска.
За претседателот на Комисијата, Илија Димовски, логично е преминувањето на Секторот за информирање во Кабинетот на спикерот. „Собранието е институција со своја хиерархија, каде што највисок орган е претседателот на Собранието, и природно е тоа одделение да биде во Секторот на претседателот. Тоа нема да го намали протокот на информации“, вели Димовски. Тој додаде дека новите вработувања ќе бидат главно во Националниот совет за евроинтеграции. (О.В.)
|