Петре Бакевски: Вистинското читање е како вистински живот
Вистинското читање е како вистински живот. Исполнет до крај. Читам без престан, катадневно. Читам тоа што ми ја разбудува љубопитноста, го збогатува духот, ме тера на подлабоки размисли. Желен сум за големи сознанија, длабоки, продлабочени, душевни, да проникнам од другата страна на непознатото. Во книгите навидум се' е така едноставно, а чудесно. Вистинито. Дури и повеќе од животот. Во поново време се измешаа работите околу добрата и лошата книга. Мешаница, збрка, подметнувања, пропаганда, перење на мозокот, медиумска еуфорија, комерцијализација, замајување од шупливо во празно. Зар се што еуфорично ни доаѓа од светот е толку вредно, па ние, кутрите, го лапаме како локум, занемени, очудени, како повторно да си ја откриваме азбуката на провинциските фрустрации?!. Не и не. Да не се посипуваме сами со пепел. Да не се понижуваме. Имаме добра литература. Одлични автори. Само последниве месеци се заредија едно чудо книги од наши луѓе. Еве ги. Ги читам со страст на одушевување. „Стража“ од Милован Стефановски, згустена проза со потресни судбини во апсурдните животни ситуации на непредвидливото и копнежливото, „Чудна средба“ од Митко Маџунков, фантастичните раскази од неговата прва книга напишани пред 40 години, „Визија за локвата и вињари“, потресна проза од Иван Чаповски, „Седмата страна на коцката“, висок интелектуален излив на духот од Влада Урошевиќ, новите раскази од Драги Михајловски под наслов „Пеперуткарот“ со посебно уживање во јазикот, во стилот и изразот; еј, па тука сега ни дојдоа 73-те сонети од Михаил Ренџов, па една книга што посебно ја изделувам од жанрот на колумни, а всушност не се тоа, туку нешто повеќе од тоа. Тоа се „Фасцинации“ од Милан Банов... Елена Лужина најпосле со добра книга, „Есеј(от) како вежбалиште“... И да не редам понатаму од долгата низанка на македонската духовна рожба... Да се свртиме кон себе, кон своите автори. Со почит. Има што да се чита со задоволство. И да се ужива во убавата сончева страна на животот. |