Премиери и гостувања за роденден на Битолскиот театар
Битола - Со една премиера и неколку гостувања, Битолскиот народен театар се подготвува да ја одбележи 66-годишнината од своето постоење. Откако минатата година на големиот 65-годишен јубилеј беше направено тотално промашување, сега ќе се слави цела недела од 9 до 17 ноември.
На централната прослава на 14 ноември ќе биде изведена новата претстава „Заедно“ во режија на Љупчо Ѓоргиевски, во која учествуваат сите актери од театарот.
„Ова не е класична претстава, туку една релаксирачка програма. Сите актери ќе се покажат на сцена во едно поинакво светло, еднаш сите да бидеме заедно. Ќе има пеење, танцување, во кое ќе преовладува комичен и радосен дух“, најави режисерот Љупчо Ѓоргиевски.
Во осумте дена празнување битолската публика ќе има можност да ги види и претставите „Слугинки“ од Жан Жене во режија на Иван Јерчиќ и во копродукција на „No Name Theatre“ и БНТ. Потоа „Најпосле крај“ од Питер Турини во режија на Благој Мицевски, „Покојник“ од Нушиќ во режија на Љупчо Ѓоргиевски, потоа „Готвејќи го Шекспир“ во режија на Мартин Мирчевски, во копродукција на БНТ и детскиот театар „Петар Стојковски -Бабец“. Од репертоарот на скопските театри во Битола доаѓаат претставите „Хамлет“ во режија на Дејан Пројковски со Драмскиот театар од Скопје, „Спиноза“ од Гоце Смилевски во режија на Зоја Бузалковска, во копродукција на Мал драмски театар, Драмски театар и МНТ, а на осмиот ден од прославата ќе биде прикажана и претставата „Суд“ од Коле Чашуле во режија на Љупчо Ѓоргиевски.
„Сите претстави кои ќе ги гледаме и кои ги носиме за роденденот, имаат силен битолски акцент и се поврзани со нашиот театар“, рече директорот на театарот Валентин Светозарев. За него, најубавиот подарок што го добил театарот на 66. роденден, се решенијата за вработување на дваесет нови луѓе, финансирано од Министерството за култура.
„Се вработија осуммина актери и уште дванаесет нови работници со полно работно време, кои со години беа ангажирани со договор. Јас сум две децении во театарот и не се сеќавам кога последен пат биле вработени толку луѓе“, рече Светозарев.
За следниот месец Битолскиот театар ја подготвува новата премиера „Опасни врски“ од Шарл де Лакло и Кристофер Хемптон во режија на Дејан Пројковски. (А.Б.) |