До десет отсто поскапо парно од 1 јануари
Колку цената процентуално ќе оди нагоре, ќе одлучи Регулаторната комисија за енергетика до крајот на декември
Снежана Калабакова
Скопјани од 1 јануари сигурно ќе плаќаат поскапо парно, а зголемувањето нема да биде повисоко од 10 отсто. Колку цената процентуално ќе оди нагоре, ќе одлучи Регулаторната комисија за енергетика до крајот на декември. Најдоцна до 10 јануари треба да ги објави цените на парното на трите фирми за снабдување на АД „Топлификација“ и на Топлификација „Скопје Север“. Има реални шанси и за првпат трите снабдувања да добијат различен процент на зголемување на цената, а со тоа тие и меѓусебно да станат конкурентни.
Фирмите на потрошувачите ќе им нудат договори за снабдување, а граѓаните самостојно ќе одлучат од кој снабдувач ќе побараат топлинска енергија. Од трите фирми за снабдување „Исток“, „Запад“ и „Центар“ не сакаат воопшто да прогнозираат проценти на зголемување на цената, а од „Скопје Север“ велат дека поскапувањето можеби ќе биде минимално, со оглед на тоа дека цената на гасот е непроменета. Топлификациите веќе ги доставија своите трошовници до Регулаторната комисија, во кои прикажуваат поголеми трошоци.
„Сите три фирми ги поднесовме трошовниците до Регулаторна, како и максималниот вкупен приход што сме го оствариле. Нашите трошовници се разликуваат за два до три проценти, со оглед на тоа дека имаме различен број вработени, ’Исток‘ и ’Центар‘ плаќаат и кирии за новите седишта, ние користиме гас. Но, факт е дека за да продолжиме со работа потребен ни е малку поголем приход од минатогодишниот“, тврди Методија Стојчев, прв човек на ’Снабдување Запад’“.
Според јавната објава на Регулаторната комисија за енергетика, фирмите за снабдување со топлинска енергија бараат поголем процент за киловат-час топлинска енергија. Наместо досегашните 0,27 денари, „Запад“ сега бара 0,45 денари, „Центар“ 0,5, а „Исток“ 0,49 денари. Производството и дистрибуцијата ги врши „Топлификација“, која наместо досегашната цена од 2,44 денари за произведен киловат-час, бара 2,76 денари, додека „Скопје Север“ пак, наместо досегашните 2,58 денари за киловат-час, бара 3,47 денари. Намалување се гледа само во цената за дистрибуција на топлинската енергија која од 0,29 денари се сведува на 0,24 денари.
Од Регулаторна велат на крајната цена на парното ќе влијаат и многу други фактори, а секако и новиот тарифен систем за продажба на топлинска енергија кој наскоро треба да биде готов.
„Ги објавивме податоците на фирмите за нивните трошоци и сега се прават пресметки според ��етологиите за пресметка на цената. Подготвуваме и нов тарифен систем кој ќе влијае врз формирањето на цената, а битно влијание ќе имаат и цените на горивата што ги користат топлификациите, кои учествуваат со 70 отсто во цената на парното. Го земаме предвид и влијанието на надворешните температури, бидејќи ноември навистина беше топол. Треба да се направи прогноза за 2010 година и истовремено да се направи порамнување со прогнозираното шестомесечје од јули до декември годинава“, вели Славко Бундалески, член на Реулаторната комисија за енергетика. |